Исти колектив со различни аршини

Долго време најавувавме дека може да гледаме сестринско финале во женскиот мак-ракомет што на крај и се оствари. Оваа година се играше фајнал-фор во домашното првенство и очекувано во финале заиграа Жрк Вардар 54 : 24 Вардар СЦЈС разликата не е за изненадување бидејќи квалитетот е на страна на странскиот дел од Вардар во однос на македонскиот дел на Вардар. Но паѓа во очи третманот и односот на структурата на менаџментот на истиот тој клуб што нема исти критериуми и аршини за своите ракометарки во тимот.

Зошто е тоа така, има се повеќе прашања кои се отвараат, како што се дали поради висината на платата на странкињите кои земаат астрономски високи плати во однос на нашите девојки ? Дали туѓото е повредно и помило од нашето ? Дали има овој клуб морални квалитети ? Ќе се продолжи ли трендот на купување на странски ракометарки, а ќе се занемарат школите за ракомет кај нас ?

Прашања има се повеќе, некој треба сериозно да се замисли и да ги простудира своите постапки во женскиот дел на Вардар. Една нивна млада ракометарка по име САРА имаше храброст да ја отвори пандорината кутија и да се замислиме сите ние каква иднина имаат нашите ракометари и ракометарки со овој начин на работа. Во Македонија странците земаат високи примања и редовно платата ја земаат, но кај македонците тоа не е случај или земаат мали примања со кои што едвај ги подмируваат плаќањата на стан, кирии и останати трошоци со тие нивни плати, а има друга група на ракометари и ракометарки каде што не земаат плата дури и по 6, 7 или 8 месеци.

За да има ефект и решение треба САРА да добие подршка и да се приклучат кон истата цел за да можат да си ги заштитат правата кои што со закон им се загарантирани. Ако само и ракоплескаат и ја тапкаат по рамо во знак на одобрување не само нејзе но и на самите себе ќе си одмогнат во поцртаната цел. Зарем еднаш за секогаш не можеме да бидеме солидарни и сплотени кога се работи за правата и должностите кои што едно важат за странците, а сосема поинаку на крајно потценувачки и понижувачки начин за македончињата.

Кога би се навратиле на случувањата ќе се види дека младите вардарки за освоеното сосема заслужено второ место не добија ниту медали, ниту било каков гест за подршка и почит кон нив. За нив како награда следуваат голем број на исписници и треба да си бараат нова средина за наредната сезона, а странските ракометарки кои заминуваат од Вардар а не го покажале она што се очекувало од нив и ниту барем малку ја заслужиле високата плата добија ордени на заслуги и бескрајни заблагодарувања кон нив. Во нив има исклучоци кои си заминуваат а го дале својот максимум и квалитет, но во најголем број тоа беа разочарувачки засилувања на сметка на нашите млади ракометарки. Ако младите не добијат шанса на натпревар и не им биде дозволено од најдобрите да научат како ли само очекуваме да имаме квалитетна репрезентација која ќе не претставува на меѓународно ниво? Зошто само се потпираме на засилувања од страна кои чинат многу, а не посветуваме внимание на младите категории и таленти ?

Пред 15 години Кометал освои шампионска титула и денес се присетуваме на тие успеси и љубоморно се присетуваме на тие убави моменти, но зарем не ја научивме лекцијата од тогаш, толку години учиме лекции и уште колку време и нови лекции ни следат за да се фатиме за работа и работите ги поставиме на своите места.

Спортот е сериозна работа која бара стратегија, долгорочен план, организација, менаџирање, инфраструктура и пред се вложување во свои капацитети и создавања на свој производ, за на крај тој производ биде само надграден и надополнет со некое странско засилување. Ракометот е можеби број еден спорт во Македонија и ако не се посветиме професионално лесно може да го загуби тешко стекнатиот статус.

Директно од јужна трибина – Предраг Јанчески

Напишете коментар