Александра Симева: Спортот е најдобрата активност која не одржува со здрави и добри навики

ПРОМОЦИЈА

Потекнуваш од спортско семејство. Што те поттикна да се одлучиш за тенисот како спорт?

-Да, точно е,  јас потекнувам од спортско семејство во кое сите дома спортуваме, моите родители се поранешни спортисти и Доктори на науки по физичка култура и спортски менаџмент, исто така и моите две братчиња тренираат фудбал.Прв мотив за да почнам да тренирам тенис беше кога на петгодишна возраст на телевизија ја гледав како игра Марија Шарапова и тоа остави многу силен впечаток кај мене и предизвик и јас да почнам да тренирам.

Дали тенисот е прв твој избор или имаш афинитети и за други спортови ?

-Тенисот е мој прв избор, но во слободно време практикувам и  други спортови како возење велосипед, пливање, трчање и др.

Колку време тренираш ? Во кој клуб? И кој е твојот ментор?

-Јас тренирам од мојата петгодишна возраст со мојот татко, а од мојата 10-та година сум во клубот ТК Тенис парк-Скопје каде тренирам под менторство на тренерот Предраг Русевски.

*ТК Тенис парк (Мај, 2015 год.)

Дали во Македонија се одржуваат турнири преку цела година ? Од каков тип се натпреварите ? Дали има услови и инфраструктура за тенис во Македонија ?

-Во Македонија се одржуваат турнири најчесто во пролетниот и летниот период,  од причини што во зимскиот период  многу од клубовите немаат услови за тренинг, за разлика од ние кои што тренираме во ТК Тенис парк имаме најдобри услови во Р.Македонија.  Натпреварите во Македонија се од типот на отворени турнири, национални и меѓународни до 14 и до 16 год. (отворени првенства на Македонија, Државни првенства на Македонија, Мастерс, како и ETA). Според она што јас го имам видено во Македонија сметам дека нема доволно инфраструктура за тенис.

Настапуваш на турнири и надвор  од нашата земја. Кои се твоите досегашни успеси како кај нас така и на европските турнири ?

-Имам повеќе успеси на турнирите до 11, 12 , 14 и 16 години на домашни и европски натпреварувања. Најголем успех на домашните турнири постигнав на 11.06.2017 каде на Државното Првенство до 16 години играв финале,  иако имам само 12,5 години сепак ова ми е мое второ финале на турнир до 16 години.

  • 1 -место во парови, Александра Симева (Македонија) и Стела Пеева(Бугарија)  TENNIS EUROPE JUNIOR TOUR, BITOLA OPEN 12&U, (23-29.05.2016 год.)

Кој или која тенисерка ти е идол? Која подлога тие омилена ?

-Моја омилена тенисерка е Марија Шарапова, а омилен тенисер Роџер Федерер. Омилена подлога ми е земја.

Играш поединечно и дубл. Како се снаоѓаш,  имаш ли партнерка за дубл ? Со кој елемент си препознатлива кога настапуваш: форхенд, бекенд , лоб, дроп-шот ?

-На некои од турнирите играм со различни партнерки, а до сега со Дивна Ратковиќ имаме остварено најдобри резултати и тоа на два европски турнира два пати го освоивме 1-то место. Препознатлива сум по силниот сервис а секако во игра доминантен ми е форхендот.

Каква порака сакаш да испратиш кон читателите на javisejuzna.mk? Дали им советуваш на твоите врсници да се занимаваат со тенис или со било кој друг спорт ? 

-Најпрво ви се заблагодарувам што одвоивте место за мене на вашата електронска страна javisejuzna.mk и би сакала на вашите читатели да им посакам покрај читањето на спортски статии истите и да практикуваат да спортуваат, макар тоа да било и рекреативно. Според мене, секое дете треба да има некакви активности и обврски кон нешто, а спортот е најдобрата и најубавата активност која не одржува во здрав и добар дух со здрави и добри навики во животот!

*Чачак 12.06-17.06.2017 ( I место парови)

*I-место во парови, Александра Симева (МКД)& Диван Ратковиќ (ЦГ) Чачак (12.06.-18.06.2017) .

Други познајчајни успеси на Александра се :

  • I-место во парови и III-место во поединечна конкуренција,  Montenegro cup 2017, Nikšić (08.05.-14.05.2017)
  • III-место во поединечна конкуренција BITOLA OPEN 2017  U14   (29.05.-04.06.2017)
  • III-место во поединечна конкуренција JUG OPEN 2017  U14  (05.06-11.06.2017)