Блитва –богатство од витамини и минерали

Блитвата (Beta vulgaris) е градинарска култура која се одгледува поради нејзината хранлива вредност. Блитвата како и останатиот лиснат зеленчук спаѓа во нискокалорични намирници поради тоа што 100 грама  блитва содржи 20 kcal но, е богата со магнезиум, железо, калиум, калциум и витаминитеБ, Ц, А, Е.

 

Зошто е здрава блитвата?

  • Поради тоа што содржи железо, таа ја јакне крвта, ги прочистува крвните садови
  • Го намалува нивото на мастите во крвта
  • Го јакне имуниот систем
  • Помага при нервоза и недостиг на концентрација
  • Богата е со сложени јаглехидрати, што претставува добар извор на гликоза која е неопходна за работата на мозокот
  • Помага при варењето на храната
  • Ги зајакнува коските
  • Го чисти телото од штетните отрови ( детоксикација )
  • Богата е со бета – каротен ( провитамин А ), кој доколку се внесе во организмот се смета дека му ја враќа изгубената енергија и со тоа го подобрува расположението

Се разликуваат два вида на блитва:

Листеста – која развива розета и големи , широки, месести листови

Ребраста – која има силно развиено сочно и месесто стебло на кое има мали листови

 

Здрава храна

Блитвата е зеленчук сличен на спанаќот и најчесто се припрема како него. Често се додава во супи и варива како и во оброци со тестенини. Одлична е во комбинација со друг зеленчук особено со компир и тиквица.

Ако досега не сте го конзумирале овој зеленчук време е да почнете, не само поради неговата хранлива вредност туку и поради тоа што е многу вкусен.

Еве еден здрав и вкусен оброк со блитва:

Чорба од блитва и леќа

потребни состојки: пола чаша леќа, 5 листови блитва, лук, сол, сок од два лимона, маслиново масло

подготовка:во сад со вода ставете ја претходно измиената леќа и оставете ја на силен оган додека да зоврие, а потоа наламете на тивко и варете ја леќата додека не омекне.

Во меѓувреме блитвата измиете ја и исечете ја на ситно и потоа додадете ја во леќата и варете додека блитвата не омекне.

Лукот исчистете го и измечете го сол. Додадете сок од лимон и маслиново масло и измешајте.

Подготвената смеса додадете ја во блитвата со леќа, по потреба додадете уште малку сол и варете уште 5 минути.

 

 

Уживајте!

Напишете коментар