ЦВЕТНАТА СОБА честопати се дефинира како составен дел на куќата, односно дополнителна дневна соба, удобно наместена и украсена со собни растенија. Меѓутоа, некои љубители на собни растенија ќе посакаат нивната цветна соба да биде затворен продолжеток на нивната градина.
Кога се гради цветна соба, се води сметка за тоа на кој дел од куќата да се додате, за да се вклопи убаво, а истовремено да биде поврзана со кујната, ходникот или со друга просторија во која се престојува.
Цветната соба треба да биде доволно осветлена, да има систем за проветрување, по можност таванско проветрување. Сите активности во цветната соба се околу растенијата ( садење, пресадување, размножување, нега ). Па поради тоа подот и мебелот мора да бидат практични и од отпорни материјали.
Воздухот во цветните соби не треба да биде сув, бидејќи нема да им е погоден на растенијата, а и ќе го поттикнува напаѓањето на некои болести и штетници.
Најчест проблем во негата на собните растенија е претераното залевање. Правило е да се залева дури кога компостот речиси се исушил. Во текот на активното растење се залеваат обилно, а многу помалку зиме, кога растенијата мируваат – два пати месечно или дури и поретко ќе биде доволно. За залевање на растенијата најдобро е да се користи вода која има иста температура како и самите растенија и супстратот во кој се посадени, однодно стоена вода.
Растенијата имаат важна улога во насочувањето на енергијата и хармонијата во домот. Сите растенија шират позитивна енергија бидејќи го прочистуват воздухот и помагаат животната енергија да циркулира низ домот. Украсувањето со растенија не само што визуелно ќе ги разубави просториите, туку ќе помогне и во намалувањето на вревата, освежувањето на воздухот и обликувањето на помалку стресен амбиент.
Затоа, доколку немате услови да си направите цветна соба, доволно е да имате и по некое растение во дневната соба со кое ќе ја украсите дневната соба, а со тоа ќе донесете и позитивна енергија во вашиот дом.