КСЕНИЈА НИКОЛОВА: НЕ ДОЗВОЛУВАЈТЕ НИШТО И НИКОЈ ДА ВИ ГО ОДЗЕМЕ ФОКУСОТ ОД ОНА ШТО ВЕ ПРАВИ СРЕЌНИ

 

Опишете како започна вашиот интерес кон пишувањето ?

 

  • Како и секоја друга искрена работа која наместо да ја планирате, едноставно се случува, така и моето пишување. Немаше ништо друго кое водеше кон тоа, освен љубов.

Набројте неколку книги кои сте ги прочитале , а ви помогнале да се надоградувате како писателка?

 

  • Во принцип ова прашање и прашањата од овој тип не ми се допаѓаат, бидејќи сметам дека секој уметник треба да се надоградува врз основа на она кое го носи во себеси, поврзано со начинот на живеење и искуствата кои животот му ги носи. Не верувам во тоа дека можеш да се надоградиш како уметник со помош на тоа што ќе се поистоветуваш со великаните и ќе учиш од нив. Индивидуалноста е витална во уметноста, а восхитувањето многу често знае да те однесе во ненамерно копирање. Информираноста е нешто сосема друго, анализирањето и набљудувањето на туѓото дело исто така, но сето тоа нема никаква врска со вистинското креирање и создавање. Со други зборови, читаме за себеси, во своето слободно време, за својата лична сатисфакција. Не верувам во идоли, особено не во уметноста, бидејќи сметам дека таа е добра само кога е бескрајно оригинална и вистинска.

Според Вас, што е најтешкиот дел во врска со пишувањето на една книга?

 

  • Пуштањето на книгата од себеси. Значи, крајот.

Дали можете накратко да ни кажете нешто за вашата последна издадена книга и зошто љубителите на книги би требало да ја прочитаат?

 

  • Не би требало да ја прочитаат поради ниедна друга причина, освен ако нешто одвнатре не им каже дека треба. Книгата е напишана со многу љубов и раскажува една интересна приказна. Освен што изобилува со емоции, истата е во себеси носи и доста интересни информации кои го едуцираат читателот. Мислам дека романот „Макар уште еднаш“ отвора нови хоризонти и победува стереотипи. И на крајот од денот, истиот буди емоции на многу интересен начин.

Која е пораката која ја пренесувате на читателите преку оваа книга и како дојдовте до името за насловот ?

 

  • Како што кажав, романот „Макар уште еднаш“ е бунтовна приказна која му дозволува на читателот да плови низ вистината и да ја согледа од повеќе агли, дозволувајќи му на крајот од приказната да верува во она во кое што тој сака да верува, бидејќи никому не треба да се суди и секој од нас постапува во одреден момент најдобро што умее.

Доколку би имале можност да поминете време со одреден лик од вашата книга,кој би бил тоа ? Што би правеле во текот на тој еден ден ?

 

  • Најверојатно тоа би бил Боно од „Макар уште еднаш“. А зошто? Бидејќи сум сигурна дека поминатото време би ми било незаборавно! Боно, иако не е главниот лик во мојата приказна, е ликот кој за мене е најинтересен и најзабавен. Тој на еден чуден начин, сосема несериозен, те учи на сериозни нешта.

Дали имате совет кон останатите идни и сегашни писатели ?

 

  • Бидете свои и немојте многу да се грижите за она како другите го прават она кое вие го правите, едноставно правете го онака како што душата ви кажува!

Во скоро време, дали можеме да очекуваме нов наслов од Вас ? (доколку е во можност некој детаљ)

 

  • Да. Го пишувам мојот нов роман. За прв пат ќе се обратам на публиката во женски род. Ќи биде интересно, колку за другите, толку и за мене.

За крај дали имате нешто да додадете или да им се обратите нанашите верни читатели на javisejuzna.mk ?

 

  • Пред да заспиете навечер, направете си листа на нешта кои сакаате да ги остварите утре. И кога ќе се разбудите наредниот ден, почнете да ги остварувате. Не дозволувајте ништо и никој да ви го одземе фокусот од она кое ве прави среќни. И така секој ден.

 

 

 

Автор: Наташа Костовска

Напишете коментар