Караорман е симбол за Струга

Фк. Караорман е симбол на препознатливост за Струга и милениче на стружани. Клубот е формиран 1923 година под тогашното прво име ,,Црн Дрим создаден од група млади стружани. Еден од основачите бил и познатиот сликар Вангел Коџоман. По втората светска војна го добил денешното име Фк. Караорман. Навивачката група на тимот е ,,Паткари”, а игра на стадионот ,,Градска плажа”. Клубската официјална боја на дресовите е црвената боја.

Струга не може без Караорман, ниту Караорман може без Струга, тоа е 94 годишна долга традиција, со испреплетени и прераскажани многу спортски приказни. Во овој клуб пораснале и продефилирале голем број на сегашни и поранешни фудбалери кои што својот пат го започнале од Струга па завршиле со успешна и богата интернационална и репрезентативна кариера. Струга е непресушно место на талентирани луѓе, посебно од делот на спортот, а тоа се однесува и за фудбалот. Во текот на фудбалското опстојување Караорман поминал голем број на премрежија, но секогаш наоѓал начин да опстане на фудбалската карта во Македонија и самиот факт на постоење од 94 години го потврдува тоа. Најчесто клубот се натпреварува во втора македонска фудбалска лига (ВМФЛ),  само со исклучок на само една сезона помината во прва македонска фудбалска лига (ПМФЛ), а за жал последните години има спортска криза и се натпреварува во трета македонска фудбалска лига (ТМФЛ).   

*фубалскиот стадион на ФК Караорман 

Она што е ,,Ла Масија во европски и светски рамки, пак струшката школа е најдобра за наши македонски критериуми. За јака прва лига ни се потребни сите расположливи фудбалски центри. Долг период во голема апстиненција се градовите: Кочани, Куманово, Гевгелија, Охрид, Кичево, Струга и др. Фк.Караорман долги години е во голема летаргија, стагнира во развојот, се натпреварува во третолигашка конкуренција, пропратен со голем број на проблеми. Опстојува со помош на  ентузијастичка волја со финансиска поткрепа надополнета со една млада група на фудбалери што го остава се уште жив брендот Караорман. На секој еден стружанец  го засега сегашното преживување на клубот и иднината која му претстои е неизвесна  ако не се преземе нешто конкретно во блиска иднина.

Да, може недостига додатна инфраструктура. Да, проблем се финансиите. Но најмногу недостига: волја, упорност, љубов, долгорочна стратегија, организација, план, едукација и човечки ресурси. Караорман не е само спортски клуб, туку е и мост на разбирање, живот, мир, сплотување на народот, не признава никави вери, националности, политички определби, сите тие се едно под едно име КАРАОРМАН.

*навивачката група Паткари на натпреварот против Вардар од ПМФЛ

Сите мои заложби, а се надевам и на сите искрени љубители на фудбалот посебно блиски на клубот е да го видиме Фк. Караорман повторно да застане на ,,Здрави нозе и да постигнува високи спортски резултати. Нека оваа колумна, можеби е во скромни размери, но со искрени намери да сите заедно потикнеме желба, мотив, инспирација и креација да му се помогне на клубот сега кога му е најтешко, за да може да продолжи онаму каде што застана, со создавање на нови фудбалски бисери кои што го претставуваат, промовираат не само градот Струга туку ја презентираат и Македонија како спортска нација. Струга и стружани го сакаат и го разбираат спортот, па со нетрпение се чека воскреснувањето на ФК. Караорман со надеж дека желбите ќе станат јаве – спортски поздрав од нашата и ваша Јужна трибина.

Предраг Јанчески

Напишете коментар