ХАЈАН СЕЛМАНИ: “Живееме во време и свет во коишто има бескрајни можности”

Хајан Селмани е основач и извршен директор на HASELT , компанија за развој на софтвер, дизајн и технолошки иновации. Познат е во јавноста и по Microsoft MVP како и по неговите повеќе од 300 настапи во вид на говори и предавања во последниве 7 години. Ја започнува својата кариера како софтверски инженер, а денес е познат претприемач, бизнисмен и инвеститор на интернационално ниво.

 Како одлучивте да започнете со кариерата во која работите денес? Што беше клучен момент?

 Љубовта кон компјутерите којашто се роди многу спонтано уште од моето основно образование. Како поминуваше времето, компјутерските технологии и интернетот доминираа се повеќе и повеќе во светот, што автоматски се зголемуваше и влијанието на компјутерската технологија насекаде. Знаејќи колкава пасија создадов кон работа со технологија и компјутери, веќе јасно беше дека мојата кариера ќе оди во таа насока и во иднина… единствено порано немав во предвид дека ќе станам и претприемач :).

Кои се најважните одлуки со кои секојдневно се соочувате како лидер во вашата компанија?

 Се околу работа со луѓе, и внатре во компанијата и со сите надворешни соработници, партнери, клиенти. Во суштина, една многу важна работа којашто ја воочив низ моето искуство како претприемач е дека од преголемо значење е како ги третирате луѓето, како работите со нив, како идентификувате различни способности кај различни луѓе и како наоѓате начин да ги поттикнете тие способности и потенцијали со цел да направите подобри, поуспешни и поквалитетни професионалци. Истото и при соработка со клиенти и партнери, најважен е човечкиот однос и како вие се поставувате према нив пред се како луѓе, а не како правни ентитети. Еден лидер може да се нарече себеси како лидер ако и само ако има способност позитивно да влијае на луѓето околу него и да поттикне нивен раст и развој. Носењето одлуки во овој контекст е многу голем предизвик и најважен дел во водењето на една компанија.

Како го поттикнувате креативното и иновативното размислување во вашата компанија?

 Има многу начини. Ние се обидуваме да работиме прагматично во контекстот на дадена работна позиција т.е. сет од одговорности на професионалецот. Генерално и многу важно ни е да им дадеме целосна слобода на луѓето во тоа како сакаат да работат, каде и кога. Доколку некој има специјално барање и истото е клучно за поттик на неговата креативност и иновативно размислување, тогаш се трудиме истото барање да биде уште веднаш реализирано. Ги земаме сите други варијабли во предвид. Фина работна околина, слобода на изразување, комплетно отстранување на микро-менаџмент, планирање и дизајнирање на работниот ден на поединецот и тимот онака како што нив најмногу им одговара, а не како што компанијата си замислила одреден процес дека треба или мора да биде.

Што правите секојдневно за да се осигурате дека вашиот раст и развој продолжува како лидер?

 Градам нови лидери. Во лидерство има пет нивоа низ коишто поминува секој еден лидер.
Прво ниво е да добиете позиција како лидер.
Второ ниво е да да изградите релација на блискост, пријателство и доверба со вашиот тим.
Третото ниво е да водите со пример и да станете нивен role model.
Четврто ниво е да почнете да ги развивате вашите луѓе во идни лидери.
Петто на лидерство сте го постигнале тогаш кога ќе создадете веќе лидери од оние коишто сте ги воделе или сеуште ги водите, а коишто водат други луѓе.
Со самото започнување на компанијата и успесите коишто ги постигнавме, се создадоа уникатни можности за мое лично развивање како лидер но исто така и за развивање на нови лидери. Среќен сум да кажам дека во овој момент во компанијата имаме неколку почитувани лидери коишто заедно со мене ги водат клучните сегменти од компанијата. Градењето на овие луѓе како лидери ми помага во моето понатамошно градење како лидер, исто така.

Дали некогаш сте одбиле клиент? Ако да која е причината?

 Да. Сме одбиле бидејќи сме биле преоптоварени со работа, додека на клиентот премногу му се брзало со реализација на проектот. Премногу ни е важен квалитетот на се што правиме и поради тоа не сакаме да се впуштаме во нешто коешто треба да биде завршено за кратко време коешто е недоволно, а ние исто така сме презафатени. Во вакви случаеви обично им даваме алтернативи на клиентите да работат на проектот со наши поблиски партнер компании.

Кои услуги или производи ги нудите / произведувате?

 Моменталниот (Јули 2017) нудиме услуги во развој на софтвер. Во суштина, работиме со доста нови и иновативни технологии и им помагаме на бизнисите да го извлечат максимумот од новите технологии пришто можат да добијат подобро, поиновативно, поквалитетно и подолготрајно решение. Во процес сме и на развој на наши сопствени производи како и на креирање целосен одел за подршка на развојот на наши производи. Веќе имаме наши производи коишто ексклузивно ги продаваме преку нашата бизнис мрежа во повеќе држави, но наскоро планираме “да нападнеме” со нови иновативни производи коишто би биле достапни за сите таргетирани корисници (компании и индивидуалци).

Дали работите на локално и/или на национално ниво и на што го препишувате вашиот успех?

 Воглавно, 99%, работиме надвор од Македонија. Се надеваме дека овој процент во блиска иднина ќе се смени бидејќи би сакале да допринесуваме со наши решенија и локално во Македонија.
Успехот го препишувам на многу работа, многу трпение, грижа за квалитет, создавање човечки и блиски релации со нашите клиенти, како и давање комплетна доверба на луѓето коишто работат во нашиот тим. На тој начин се создава многу позитивна синергија и доверба помеѓу сите страни, нашите клиенти и партнери можат многу брзо да воочат дека сме спремни да направиме се’, соцелда им помогнеме тие да работат поуспешно и да добијат максимум од нашето знаење за софтвер, технологии, но исто така и консалтинг во современо водење на бизнис и лидерство, како додадена вредност над она што го правиме како експерти за софтвер.

Ако имате некој совет на некој кој штотуку почнува да оформува сопствен бизнис, кој/и би бил/е?

 Во различни сфери и индустрии, започнување и оформување на сопствен бизнис си носи свои различни предизвици. Но, кога јас би почнал бизнис во билокоја друга индустрија, во секој еден случај би ги следен следниве совети:
– Времето е важен фактор, размисли како и каде го трошиш. Обидисе да одвоиш колку што е можно повеќе време во оформување на сопствениот бизнис. Ако е поле во коешто имаш веќе искуство, тогаш очекувано е да можеш да стартуваш и побрзо.
– Речиси не постои бизнис којшто можеш да го оформиш а за чијашто стартна точка за работа ти треба голема почетна инвестиција. Најди свој начин како да започнеш, не мора да следиш туѓи модели од минатото бидејќи времето се менува и денес има доволно услови за иновативно размислување и нови начини на водење бизнис во билокоја индустрија.
– Почни со првични активности уште од вчера, не подоцна.
– Можеби нема да мораш, но сепак треба да си спремен да работиш по 16 часа дневно, ако стварно сакаш да успееш.
– Различни идеји во различни индустрии си имаат различни специфики за тоа како од истото да се оформи реален бизнис. Ако си заинтересиран да слушнеш мое мислење, ти стојам на располагање за споделување на мое знаење, искуство и консултации, сосем бесплатно, на кафе во било кое време. Мој мејл за контакт: hajan@haselt.com

  Според Вас, што треба да поседува еден кандидат за да работи во вашата компанија?

 Генерално многу ни е важен карактерот на човекот. Ако е човек којшто е спремен да учи многу, спремен е за секакви предизвици во доменот на неговата професија/специјализа, ги вреднува човечките односи на високо ниво, спремен е да им помага на другите и да даде од она што го има и знае. Доколку ги воочиме неговите лични карактеристики да се поклопуваат во голема мера со културата на компанијата (транспарентност, отвореност, доверба, континуирано напредување, споделување на знаења, грижа за тимот и луѓето околу тебе…), во тој случај зборуваме за идеален кандидат доколку има и соодветни познавања на ниво на очекуваното на позицијата за којашто аплицирал. Најчесто доволно е и да има базични познавања од својата област, ако неговите човечки карактеристики се на високо ниво.

За крај дали имате нешто да додадете или да им се обратите на читатели на javisejuzna.mk?

 Живееме во време и свет во коишто има бескрајно можности, време и свет во коишто идеите на еден поединец како тебе може да сменат многу работи во твојата потесна а можеби и во пошироката (светска) заедница. Треба да работиме многу ако сакаме да создадеме подобра иднина за луѓето околу нас, за нас и за идните генерации. Посебно ние во Македонија, треба да работиме многу повеќе отколку што во просек работиме сега, за да направиме место кадешто секој би сакал и би се гордеел да живее во. Ние живееме со цел да направиме нешто повеќе за другите, и ако тоа го прифатиме уште сега дека е така, тогаш, нашите сопствени потенцијали и можности за успех ќе се мултиплицираат уште веднаш.

 

Дополнителни информации за Хајан Селмани и неговата компанија HASELT:

 

 Автор: Наташа Костовска 

Напишете коментар