Наскоро нова македонска тв серија “Фамилијата Марковски” (ВИДЕО)

ЗАБАВА

Македонија, 2017 година. Фамилијата Марковски се соочува со многу предизвици што ги носи животот во едно општество со константни политички и социјални турбуленции.

„Фамилијата Марковски“ е нова играна ТВ серија од осум епизоди, чие дејствие е инспирирано од вистинити приказни од секојдневието на македонските граѓани.

Главни протагонисти се членовите на фамилијата Марковски. Бојан е 15-годишно момче чија пасија е снимање на видео – блогови (влогови) што од забава стануваат негова моќна алатка за иницирање на промени.

Неговата сестра, Јана (27) е млад амбициозен архитект која се соочува со морална дилема – дали да застане зад сомнителните проекти на архитектонското студио во кое работи, а го води нејзиното момче, или да го зачува сопствениот интегритет.

Виктор (24), постариот брат на Бојан, и покрај магистерската диплома се мачи да најде работа, а паралелно крие и огромна тајна од своите најблиски.

Иван, таткото на Бојан, чии планови и амбиции се распаѓаат во времето на приватизацијата, прифаќа разни ангажмани и привремени работи играјќи на картата на политичка неутралност.

Лиле, мајката на Бојан, е најголемиот поборник за правда во фамилијата Марковски, чија издржливост е ставена на тест откако е присилена да учествува во сомнителни активности на своето работно место.

Проектот ТВ серија „Фамилијата Марковски“ е во продукција на АРТ ПРОЕКТ ЛАБ од Скопје и е овозможен со поддршка од Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД.

„Фамилијата Марковски“ наскоро ќе почне да се емитува на телевизијата „Канал 5“.

Режисер на ТВ серијата е Даријан Пејовски.

Главните улоги ги толкуваат: Петар Петковски, Тамара Ристоска, Владимир Петровиќ, Александар Микиќ и Силвија Стојановска.

Ви го прикажуваме трејлерот за новата македонска серија „Фамилијата Марковски“ која наскоро ќе почне да се емитува на телевизијата „Канал 5“.

Извор: Фамилијата Марковски