Ех тие пусти пари

СПОРТСКИ КОЛУМНИ

Кога се во прашање финансиите никогаш тие не се доволни. Од оваа парола се раководи акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор кој го видно поскапи користењето на Арената ,,Филип Втори па ги принуди тимовите што го користат овој терен да бараат нови решенија и солуции. Пред извесен период дневен термин за користење на арената беше 1000 евра и 2000 евра ноќен термин, додека за европски настапи чинеше 12.000 евра. Но, ех тие пусти пари кои никогаш не се доволни ги натера да го сменат ценовникот и драстично да ги кренат услугите за користење на овој стадион, а тоа изразено во цифри изнесува 3000 евра дневен термин, 6000 евра ноќен термин и верувале или не 35.000 евра (тука не е вклучено ДДВ) чини европското користење на домашниот терен.

Во држава која го негува спортот и се грижи се да функционира беспрекорно, вакво драстично кревање на цените веднаш ќе се изнајдеше резервно решение, на кое што засегнатите клубови во случајов (Работнички и Вардар) би играле на нов стадион, ама во нашата земја не е така лесно спортскиот живот и нормалното функционирање на спортот, од причина што немаме инфраструктура која ги задоволува барем минимум пропишаните стандарди.

Солуциите би биле стадионот во Ѓорче Петров, стадионот во Автокоманда и Маџари, но кога би се скенирале тие терени ќе се види дека нема основни услови за прволигашки фудбал. Каква ли само компарација и различно расположение има кога се играат евро-натпревари од типот на Малме, Копенхаген, Фенербахче, Зенит и со престојните исто така Розенборг и Реал Сосиедат, со натпреварите од домашниот шампионат против Скопје, Силекс, Академија Пандев, Ренова и останати. Компарацијата и споредбата не е проблемот во домашни и странски екипи, туку во какви услови се играат европските натпревари со тие во домашното првенство. Не е возможно да се споредат условите, бидејќи кога ќе се видат во какви услови и какви терени се низ Македонија, самите фудбалери, односно спортисти немаат мотивација и желба да ги прикажат игрите и настапите од тие на евро-сцената.

Дали надлежните или државата ќе ги воочат овие недостатици, проблеми, аномалии и инфраструктурни недоречености и недостатоци, зарем е можно од нашето осамостојување па се до денес да имаме во цела држава само еден стадион, само еден затворен базен, само една сала и една атлетска патека што ги исполнуваат европските пропишани стандарди ? Просто неверојатно е со какви проблеми се соочуваат спортистите и спортските работници, а од друга страна спортот е најдобар амбасадор на една држава и што е најтрагично постојано од спортистите се бараат учества на големи натпреварувања од типот на Лига на Шампиони, Лига Европа, Европско првенство, Светско првенство, Олимписки игри, а од друга страна никој не се грижи за нивното опкружување во кои тие работат и живеат. Исто така се под голема пресија на раководните структури како во клубовите така и во репрезентативните селекции да го даваат постојано својот максимум, а пак навивачите секој пораз или неуспех знаат да го пропратат со негодување и навреди кон нив.

Малку се тие спортисти би рекол се бројат на една рака, што без никаков респект, без ,,Влакна на јазикот јавно, јасно и гласно го искажуваат своето мислење, револт со искрени и чисти намери за реалните случувања. Сите овие статуси, текстови, колумни, објави се надеваме сите за наше добро дека ќе допрат до сите оние кои се надлежни да ги подобрат условите на спортистите и целокупниот спорт за взаемно задоволство, уживање и постигнување на врвни спортски резултати за кои бенефит ќе има и државата.

Ех тие пусти пари !!!      

Предраг Јанчески