Танцов спортски клуб „ДИНАМИК“ Куманово

Интервју со застапникот на клубот: д-р. Тања Китановска Стојковска   (доктор на науки од областа на спортот и спортскиот менаџмент)  

 Кога е основан Т.С.К. „Динамик“, и кои се мотивите да се оформи ваков клуб во Куманово ?

  • Во Куманово постоело и постои огромно разнообразие од танцови форми – започнувајки од фолклорот, преку формите на класичниот и модерен балет, па се до современите и спортски танци. На 03. Ноември во далечната 1987 година, првата танцова клетка која најде плодна средина за развој на современиот танц во Куманово беше Танцовиот Спортски Клуб „Динамик“. Првите чекори беа неразделно поврзани со тогашниот тренер – инструктор Верица Василевска која несебично работеше со почетните танцови двојки, поставувајќи ги основите на латино-американските и стандардни танци. Се разбира дека свој голем принос дадоа и „домашните“ потпори во името на тогашниот директор на Центарот за култура г-дин Вељко Пешич и одговорниот за уметничките активности г-дин Стојадин Ивановски.

Многу брзо Куманово станува тесно и недоволно за искажување на знаењето и претставување на танцовите двојки во рамките на самиот клуб, па натпреварувањата помеѓу тогашните единствени клубови во Република Макеоднија „Динамик“ и „Ритам Плус“, беа енергија која ги мотивираше танцовите двојки од двете страни да напредуваат во позитивна спортска фер плеј конкуренција.

Ако сумираме низ историјата во интерес на времето на читателите, овој вид на современи танци во Куманово се објективна реалност веќе 30 години, благодарение на богатиот темперамент и музикалност на младите луѓе и нивниот стремеж кон запознавање и практикување на нови трендови. Цел тим ентузијасти низ времето како: Гордана Цветковска, Маргарита Ангеловска, Зоран Ивановски, Тања Китановска, Оливер Стефановски, Филип Георгиевски, Милица Тимчевска, Адријана Патковска, Кристина Станојкова, Кети Пауновска, Перица Величковски и многу други родители на некогашни и актуелни танчери се заслужни за да денес спортските танци како што ние ги нарекуваме се дел од кумановската култура и имаат значајно место и улога во секојдневието на стотици млади.

 Која возраст е најпогодна да се започне со овој вид на танцување? Колку членови брои клубот денес и со каков стручен кадар располагате?

  • Човековите движења се оној универзален јазик на телото со кој што луѓето насекаде низ светот можат да комуницираат и да се разбираат меѓусебно. Нивниот

исклучителен, функционален и експресивен потенцијал се манифестира како во секојдневието, така и во оние области на човековата дејност кои што се нарекуваат спорт и уметност.

Танцот е во сите нас уште од раѓањето. Доказ за тоа се сите мали дечиња кои подскокнуваат во ритамот на музиката, а никое од нив не е обучувано за тоа. Едноставно тоа го носиме во себе си и на тој начин ги изразуваме позитивните емоции, кои го стимулираат телото кон движење. Ова го зборувам за да се надоврзам и воедно да одговорам на прашањето дека нема долна – горна годишна граница и најпогодна воздраст за да се започне со танцување. Иако овој вид на танци вклучително и латино-американските и стандардните бараат голема координација на сопствените движења усогласени со движењата на партнерот, сепак кога методски правилно се приоѓа кон нивно изучување тогаш успехот доаѓа и во раните години. Танцувањето е задоволство и при тоа се постигнува лесно, кога и само кога се исполнува правилно.

До денес во Т.С.К. „Динамик“ се имаат регистрирано и тренирале над 5000 спортисти, поголемиот број како танцови двојки (партнер и партнерка), но во недостиг на машки млади спортисти подготвуваме и само женски групи и формации, во различни возрасни категории и дисциплини. Во моментот има околу 60-тина активни спортисти (танцови двојки и соло натпреварувачи) кои гордо и успешно го претставуваат клубот, градот и државата.

Нашиот клуб е на завидно ниво и може да се пофали со својот стручен тим со кој располага и тоа: Дипломиран тренер кореограф по спортски танци, Доктор на науки од областа на спортскиот менаџмент, Дипломиран психолог, Дипломиран креатор и костимограф, обучен кадар за компјутерска обработка на резултатите – Скејтинг систем, понатаму судии од А (прва) национална листа, како и тројца судии од Б (втора) национална листа. Сите тие ги покриваат стручните, научни и техничко-методолошки активности.

Колку дисциплини се застапени, какви реквизити се потребни за одржување на часот и за натпреварите?

  • Спортските танци се меѓународно стандардизирани и класифицирани во две основни натпреварувачки дисциплини: Стандардни танци (СТТ) и Латино-американски танци (ЛАТ). Секоја од овие дисциплини има опши обележја (регионални, стил на исполнување, надворешна експресија) и вклучува по пет танци: англиски валцер, танго, виенски валцер, слоуфокстрот и квикстеп во првата дисциплина Стандардни танци, како и самба, ча-ча-ча, румба, пасодобле и џајв во втората дисциплина на Латино-американски танци. Секој од танците пак во оделните дисциплини има свој сопствен карактер поврзан со специфичната музика и техника на исполнување, со која се разликува од останатите танци.

Исто така при натпреварите имаме возрасни категории и категории по квалитет. Тоа значи дека танцовите двојки се поделени на Пионери до 11 годишна возраст, Млади младинци од 12 и 13 годишна возраст, Младинци 14 и 15 годишна возраст, Постари младинци 16-18 годишна возраст и Возрасни 19 и над годишна возраст. Во секоја дисциплина при одредена возрасна категорија има и категорија на квалитет: D-C-B-A во СТТ и соодветно 5-4-3-2 во ЛАТ , при што D или 5 категорија се за почетните basic чекори. Со собирање на 60 поени се оди од D или 5 во C или 4 категорија, со собирање на 80 поени уште повисоко и така натаму.

Што се однесува до потребните реквизити за работа и натпревари, тоа повторно е систем од веќе стандардизирани правила на нашата федерација кога станува збор за домашни натпревари, или усогласување со меѓународните правила и прописи кога станува збор за меѓународни натпреварувања а се во наша организација.

За време на тренинзите, како и на самите натпревари, музиката и ритамот се основните клетки кои треба да ги почувствува танцовата двојка и сите натпреварувачи. Понатаму соодветната опрема која вклучува уникатна, пропишана со правилник гардероба за машки и девојчиња, со специјални чевли.

Во својата програма клубот реализира два система на натпреварување. Првиот систем вклучува клубски и пријателски меѓуклубски натпревари, во различни танцови дисциплини: соло, дуо, трио, формации и шоу денс. Вториот систем на натпревари вклучува официјални: бодовни, државни, меѓународни отворени првенства. Секој клуб кој што е член на Танцовата Спортска Федерација на Макеоднија законски е задолжен да организира најмалку еден Бодовен натпревар. Ваквиот систем натпревари бара материална поткрепа, ангажирани специјалисти во оваа област, соодветни објекти, опрема, судии и стручни реализатори на натпреварите. Со голем ентузијазам и ангажирање на сите наши членови остваруваме високи резултати и органзираме успешни натпревари.

Во колку дисциплини на Државните првенства учествуваат вашите танцови двојки, со каков успех и каде се одржуваат Вашите тренинзи ?

  • Во нашиот клуб имаме натпреварувачи и во двете дисциплини и во различни возрасни и квалитетни категории споменати погоре. Ние држиме до научно докажаниот факт дека танцовите двојки особено помладите, треба да ги практикуваат и двете дисциплини. Секоја година на бодовните, но со поголема тежина и на Државните првенства имаме шампиони и вицешампиони. Сите наши членови се наша гордост, живееме и функционираме како семејство. Нивниот успех на натпреварите, го спојуваме со успехот во училиштето и се координираме со нивните други активности, при што преку игра градиме луѓе со вистински човечки вредности.

Тренинзите уште од самото формирање на клубот се одржуваат во просториите на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Директорот и сите

вработени како домаќини секогаш не подржуваат и се гордеат со секој наш успех. Располагаме со просторна сала од 100 м2 , огледала, гардероба, душеци, греди и се она што е потребно за правилно загревање и тренинг на танчерите.

Дали учествувате на меѓународни натпреварувања, дали ние имаме талент и квалитет да се носиме со сите останати земји?

  • Со влегувањето на ТСФМ како членка на Интернационалната Танцова Федерација (IDSF), се отворија и можностите за наше меѓународно претставување. Нашите членови имаат учествувано на 5 Светски и 2 Европски првенства, како и бројни OPEN натпревари во: Сента, Бачка Топола, Ниш, Београд, Бургас, Варна, Албена, Софија и Атина. Последниот меѓународен BASIC натпревар се одржа во Чавдар – Бугарија крајот на Април оваа година, од каде што се вративме со пехар и бројни медали во различните категории. Остануваме да го следиме календарот на меѓународните натпревари и според можностите да учествуваме на отворените првенства во соседствата.

Нашите натпреварувачи и воопшто танчерите спортисти од Макеоднија имаат дарба, имаат талент кој за жал недоволно се развива и напредува во денешните услови во кои функционира нашето општетсво. Проблемите кои најчесто настануваат, произлегуваат пред се од фактот што во основата на сите наши активности лежи аматеризмот на сите членови и учесници во овој спорт. Голем проблем е и дефицитот на момчињата, што директно произлегува од хипокинезијата или како што ја нарекуваме современата болест од неспортување, понатаму форсирање и преориентирање на младите од страна на родителите, училиштата, па и општините кон занимавање со еднолични спортски активности како што се екипните спортски игри и не придавање големо значење на ваквите уникатни и уметнички дејности кои како и секој друг спорт имаат своја специфична моторика што е предмет на обука, тренинг и развој. Секако во најтешка состојба се тренерите, кои не се доволно стимулирани за својата стручна работа, која ја изведуваат професионално во аматерски услови. Општо кажано и во вакви услови ние работиме и стоиме рамо до рамо на Европските и Светски првенства со останатите далеку поразвиени и танцово далеку поорганизирани земји.

Едукацијата и надградбата се многу битен фактор. Дали организирате: семинари, курсеви, аудиции и слично ?

  • Во рамките на надградба на стручни лица клубот посветува внимание и на зголемување на бројот на судии од А и Б–листа, наши членови (поранешни шампиони и вицешампиони) кои ги исполнуваат законските норми, да станат стручни кадри неопходни за реализација на системот натпревари. Досега сме биле и ќе продолжиме како подржувачи на различни младински размени, семинари, тренинзи, танцови школи (зимски или летни), владини и невладини проекти. При

ваков тип на активности се обработуваат различни актуелни теми во врска со танцот, танцовите техники, обучување на млади кадри со цел подготовка за стекнување на судиска и тренерска лиценца која може да ја даде само ТСФМ. Сакаме и настојуваме нашите активности да бидат кохезија која ги обединува танците како спорт, уметност и култура. Се грижиме за спортските таленти и раната спортска социјализација.

 Отворени ли сте за прием на нови членови/почетници, кој се може да се пријави и дали го ограничувате бројот на членовите ?

  • Секогаш сме биле отворени за уписи и вклучување на нови членови во нашето семејство што се нарекува ДИНАМИК. Иако во годината имаме два активни усписни месеци – септември и февруари, сепак и во останатите месеци преку целата година ние ги примаме заинтересираните дечиња и млади, но исто така тука се и возрасните љубители на Социјалните танци и Зумбата. Бројот на членовите никогаш не го ограничуваме, но бројот на двојки и спортисти за време на самиот тренинг е организиран и однапред по распоред доследно треба да се почитува, за да имаме доволно простор и слобода да ги изведуваме предвидените активности.

Кои се вашите идни планови, каква порака ќе им пренесете на нашите верни читатели на javisejuzna.mk ?

  • Една од приоритетните задачи на Т.С.К. „Динамик“, секако останува зголемувањето на бројот на членови со спортско и спортско-рекреативна активност (вклучувајќи ги тука сите стандардни, латино-американски и шоу денс танци, дисциплини од типот на соло, дуо, групи и формации, зумба и аеробик) на деца, млади и возрасни од Куманово и пошироко. Продолжување на соработката со локалната самоуправа, со Општинскиот сојуз на спортови, со Центарот за култура и други важни чинители за обезбедување на подобри услови во реализација на самата Програма на клубот. Поголема афирмација на современите танци во нашето општество, остварување на подобри резултати од квантитативен и квалитативен аспект, како и обезбедување на сигурно и континуирано финансирање, нудејќи квалитетна програма за работа и развој на овој вид на танци.

Бидејќи оваа 2017 е година во која славиме 30 успешно изминати танцови сезони, зад кои стојат голем број на спортисти, родители и ученици, спортски работници и педагози, во таа насока на сите заслужни лица и клубови кои на различни начини допринеле за развој на клубот, по време на Бодовниот натпревар организиран од наша страна во месец Април им беа доделени Благодарници, со почит и желба за понатамошна успешна соработка. Во тек се подготовките и за Гала вечерта (Вечер на танцот во Куманово) каде што сите соработници, пријатели, спонзори и некогашни членови ќе бидат поканети и на кои соодветно јавно ќе им се заблагодариме. Понатаму учеството на бодовните, државни и меѓународни натпревари ќе продолжи да се одвива непречено, во согласност со Танцовата Спортска Федерација на

Република Македонија. Продолжуваме и со реализација на различните јавни настапи на танцовите двојки (низ медиумите, веб порталите, свечените настани) кои имаат за цел промоција и ширење на танцовата култура.

Македонија треба да ја препознае потребата и позитивното делување на музиката и танцот врз физичкиот и психички развој на организмот на човекот, ширејќи го и негувајќи го со задолжителни часови низ училиштата, како и различни рекреативни активности низ клубовите и здруженијата.

Предраг Јанчевски (Дипломиран спортски менаџер)

Напишете коментар