Tag Archives: книги

КСЕНИЈА НИКОЛОВА: НЕ ДОЗВОЛУВАЈТЕ НИШТО И НИКОЈ ДА ВИ ГО ОДЗЕМЕ ФОКУСОТ ОД ОНА ШТО ВЕ ПРАВИ СРЕЌНИ

 

Опишете како започна вашиот интерес кон пишувањето ?

 

  • Како и секоја друга искрена работа која наместо да ја планирате, едноставно се случува, така и моето пишување. Немаше ништо друго кое водеше кон тоа, освен љубов.

Набројте неколку книги кои сте ги прочитале , а ви помогнале да се надоградувате како писателка?

 

  • Во принцип ова прашање и прашањата од овој тип не ми се допаѓаат, бидејќи сметам дека секој уметник треба да се надоградува врз основа на она кое го носи во себеси, поврзано со начинот на живеење и искуствата кои животот му ги носи. Не верувам во тоа дека можеш да се надоградиш како уметник со помош на тоа што ќе се поистоветуваш со великаните и ќе учиш од нив. Индивидуалноста е витална во уметноста, а восхитувањето многу често знае да те однесе во ненамерно копирање. Информираноста е нешто сосема друго, анализирањето и набљудувањето на туѓото дело исто така, но сето тоа нема никаква врска со вистинското креирање и создавање. Со други зборови, читаме за себеси, во своето слободно време, за својата лична сатисфакција. Не верувам во идоли, особено не во уметноста, бидејќи сметам дека таа е добра само кога е бескрајно оригинална и вистинска.

Според Вас, што е најтешкиот дел во врска со пишувањето на една книга?

 

  • Пуштањето на книгата од себеси. Значи, крајот.

Дали можете накратко да ни кажете нешто за вашата последна издадена книга и зошто љубителите на книги би требало да ја прочитаат?

 

  • Не би требало да ја прочитаат поради ниедна друга причина, освен ако нешто одвнатре не им каже дека треба. Книгата е напишана со многу љубов и раскажува една интересна приказна. Освен што изобилува со емоции, истата е во себеси носи и доста интересни информации кои го едуцираат читателот. Мислам дека романот „Макар уште еднаш“ отвора нови хоризонти и победува стереотипи. И на крајот од денот, истиот буди емоции на многу интересен начин.

Која е пораката која ја пренесувате на читателите преку оваа книга и како дојдовте до името за насловот ?

 

  • Како што кажав, романот „Макар уште еднаш“ е бунтовна приказна која му дозволува на читателот да плови низ вистината и да ја согледа од повеќе агли, дозволувајќи му на крајот од приказната да верува во она во кое што тој сака да верува, бидејќи никому не треба да се суди и секој од нас постапува во одреден момент најдобро што умее.

Доколку би имале можност да поминете време со одреден лик од вашата книга,кој би бил тоа ? Што би правеле во текот на тој еден ден ?

 

  • Најверојатно тоа би бил Боно од „Макар уште еднаш“. А зошто? Бидејќи сум сигурна дека поминатото време би ми било незаборавно! Боно, иако не е главниот лик во мојата приказна, е ликот кој за мене е најинтересен и најзабавен. Тој на еден чуден начин, сосема несериозен, те учи на сериозни нешта.

Дали имате совет кон останатите идни и сегашни писатели ?

 

  • Бидете свои и немојте многу да се грижите за она како другите го прават она кое вие го правите, едноставно правете го онака како што душата ви кажува!

Во скоро време, дали можеме да очекуваме нов наслов од Вас ? (доколку е во можност некој детаљ)

 

  • Да. Го пишувам мојот нов роман. За прв пат ќе се обратам на публиката во женски род. Ќи биде интересно, колку за другите, толку и за мене.

За крај дали имате нешто да додадете или да им се обратите нанашите верни читатели на javisejuzna.mk ?

 

  • Пред да заспиете навечер, направете си листа на нешта кои сакаате да ги остварите утре. И кога ќе се разбудите наредниот ден, почнете да ги остварувате. Не дозволувајте ништо и никој да ви го одземе фокусот од она кое ве прави среќни. И така секој ден.

 

 

 

Автор: Наташа Костовска

Марија Раткушиновска – Допирам по внатрешноста на човекот со зборови

Која е Марија ? Опиши се, запознај ги читателите, што имаш завршено, колку време пишуваш ? 

  • Моето име е Марија Раткушиновска, родена 14.10.1987 година. Основно училиште завршив во ЦОУ “Св. Наум Охридски” во Пештани. Во литературната секција бев редовен член, со нови текстови и идеи, реферати и есеи. Оваа активност ми овозможи да се здобијам со литературни награди и признанија на училишните конкурси. Во 2002 година, од страна на наставничкиот колегиум бев одбрана да го претставувам училиштето на регионален, т.е општински натпревар по географија, каде го освоив првото место. Средно образование завршив во Охрид, во економското училиште. Во 2003/2004 година учествував на олимпискиот квиз “Низ петте кругови”, со освоено второ место. Завршив економски факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на департманот маркетинг. А, веќе 4 години поседувам лиценца за туристички водич. Во 2005 година ја објавив мојата прва книга “Гласот ми вели…”, а 11 години подоцна и втората книга “Осцилаторна галаксија”.

Пишувањето е талент. Кога се јави потреба кај тебе да почнеш со пишување ?

  • Пишувам уште како мала. Најчесто како дете сум пишувала за мајката, пролетта, татковината… но, со текот на времето, талентот се развива во нови творби, па така денес веќе имам две промовирани книги и една во ракопис, за која се надевам дека ќе се реализира во најскоро време.

Што те мотивира или инспирара кога пишуваш ?

  • Нема поголема инспирација од љубовта за еден човек 🙂 Најчесто во моите творби опишувам психолошки дејства, гледани низ призмата на поединецот, со сите привиденија и препреки допрени од човечката рака. Допирам по внатрешноста на човекот со зборови, т.е неговата смисла за постоењето, начинот на кој се пристапува кон животната алка, успехот и желбите… сите оние елементи преку кои се открива невидливото.

.,,Осцилаторна галаксија” и ,,Гласот ми вели” во кратки црти за што се работи ?

  • И двете мои дела се хронолошка приказна за човекот, секојдневието, љубовта. Меѓу почетокот и крајот секогаш гласно зборуваат мемоарите на човекот. Воведот на новата мисла е колорит на убавите замисли во животот со отворени очи. Тонови полни со љубов ја топлат душата, но истите можат и да ја изгорат. Симболиката на неконтролираните чувства вртоглаво се менува, а јас и Вие како моја читателска публика сме полни со сјај до небото. Колку повеќе чекаме, толку повеќе го губиме сјајот. Плодот на животната желба е доволно зрел за да ги засени сите расипани плодови. Овие реченици во себе кријат многу тајни, а со читање на секој нареден текст, влегувате во Вашиот свет.

Ги демистифицираш ликовите и настаните или во скриена форма испраќаш пораки ?

  • Без разлика на тематиката која се обработува во конкретниот текст, целта на читањето е производ на соодветна порака, поука, искуство. Во моите текстови има толку многу скриени елементи, што суштината е следна: секој што ќе ги прочита сам да извлече поука, индивидуално, како доказ дека се пронашол самиот себе!

Сакаш да правиш експерименти со стилот на пишување или имаш препознатлив стил на изразување ?

  • Мојот стил на пишување е препознатлив уште од оние класични состави за писмена работа по македонски јазик и литература 🙂 За да го прикажам јазолот меѓу почетокот и крајот преку мемоарите на човекот, користам многу стилски изразни средства, кои го прават мозаикот на животното секојдневие симбол за достојна критика.

Каде можат да се најдат твоите книги, ги има ли во слободна продажба твоите книги ?

  • Моите две книги “Гласот ми вели…” и “Осцилаторна галаксија” не се во продажба. Дел од истите се на располагање за хуманитарни акции, а дел можат да се најдат само лично кај мене. Се надевам дека третата книга ќе ја има во продажба, па ќе биде достапна за секој кој сака да влезе во светот на душата на човекот.

Освен пишувањето , за што друго имаш интерес ?

  • Сакам да дизајнирам облека, да создавам стилски парчиња кои ќе бидат уникатни и тоа за своја лична употреба, барем засега 🙂 … Постојано го дополнувам моето знаење со информации и историја за нашата земја, бидејќи тоа е неопходно при реализацијата на прошетките со групите кои ги имам како туристички водич. Сакам да уживам со моите најмили, да придонесувам за нивната среќа! Уживам при гледање на секој натпревар на нашиот спортски свет, но исто така сум верен гледач на Лигата на шампионите 🙂

Кои се твоите идни планови, каква порака ќе им испратиш на нашите верни читатели на javisejuzna.mk ?

  • Моите планови често се менуваат 🙂 . Она што е сигурно е реализација на мојата трета книга. Во секојдневието сакам постојано да придонесувам во поглед на пишаниот збор, но и во сето она што го работам и создавам. Затоа на верните читатели на javisejuzna.mk пред се, би сакала да им се заблагодарам за одвоеното време да го прочитаат моето интервју. Нека бидат креативни, убави и насмеани. Слободниот дух нека биде дел од креативноста на човекот, а нивното внимание насочено кон сферата на творештвото нека стане време на збогатување на сопствениот речник. Уживајте во секој нов ден и давајте многу љубов!

 

Aслимоска Христина – Бидете уникатни, автентични и верувајте во своите способности

 Љубовта кон пишаниот збор е вроден талент. Кога за првпат сфати дека треба да започнеш со пишување?

Не би можела прецизно да го одредам моментот кога сфатив дека пишувањето навистина ми лежи и треба да продолжам со него. Желбата да ги изразувам личните доживувања и импресии преку стихот беше присутна уште од раните детски години и растеше сè повеќе со текот на времето. Што се однесува до првите литературни творби воопшто, хронолошки може да се лоцираат во прво одделение, непосредно по совладувањето на азбуката и запознавањето со првите песнички од читанката.

Дечињата на 9 години мака мачат буква да научат, а веќе на таа возраст ја имаш стихозбирката „Заорок“. Кои се импресиите, впечатоците, што те поттикна да ја напишеш стихозбирката?

Иако се случи одамна, објавувањето на мојата прва стихозбирка за мене претставуваше еден од најголемите остварени соништа на моето детство. Моите родители беа личностите од кои ја добив најголемата, а воедно и пресудна поддршка за да го обелоденам во јавност она што дотогаш постоело само на страниците од школските тетратки. Кога станува збор за импресиите кои ми послужија како поттик да ја напишам стихозбирката, можам да кажам дека иако беа многубројни и разновидни, во суштина потекнуваа од убавините на природата, поточно  начинот на кој ги перципирав преку детското имагинативно око.

„Бисерни зборови“, „Разделба со детството“, „Капка надеж“, „Дневник на душата“ и „Средба со Диоген“ – збор или два за секоја книга посебно?

По првата книга, секоја наредна започнав да ја објавувам по точно две години од претходната. Така, „Бисерни зборови“ се приклучи на моето скромно дотогашно творештво на штотуку наполнети единаесет години. Станува збор за уште една стихозбирка во која покрај вообичаените детски теми инспирирани од природата, семејството и детската игра, за првпат се јавуваат и стихотворби поттикнати од суровоста и неправедноста на светот во кој живееме. Третата книга, „Разделба со детството“, e составена од поетски и прозен дел. Во првиот дел преовладува темата на љубовта и нејзиното значење како движечка сила на Универзумот, а во вториот дел темите на расказите се поразновидни: љубовта кон татковината, драгоценоста на детските сеќавања, значењето на пријателството и слично. Насловот на наредната стихозбирка, „Капка Надеж“, сам по себе говори за нејзината централна порака, а тоа е неопходноста на човекот од надежта во сите животни ситуации. Токму како што вели еден наш истакнат филозоф, човекот може да живее 40 дена без храна, 4 дена без вода, но ниту 4 секунди без надеж. „Дневник на душата“ претставува збирка на кратки раскази од автобиографска природа, додека „Средба со Диоген“ е уште една стихозбирка, засега последно објавена, која тематски се фокусира на долгата и тешка потрага по човечноста во човекот, а според легендата за Диоген, тоа е токму она што и тој се обидува да го пронајде симболично со својот фенер.

Во иднина очекуваш да го промениш стилот на пишување или сето тоа е зависно од темите кои ги обработуваш и искуството со секоја нова книга?

Промените во стилот на пишување се сосем природни и очекувани; верувам дека ќе настапат спонтано преку идното творештво. Кога од денешен агол ги разгледувам и анализирам шесте досегашни книги, неизбежно ја воочувам развојната траекторија на својот авторски стил.

Ги демистифицираш настаните и ликовите или во скриена форма меѓу редови испраќаш пораки на твоите читатели?

Од првата па сè до последно напишаната творба тежнеам кон јасно, едноставно и недвосмислено изразување на личните чувства, евентуално пораки кон читателите. Иако ме воодушевиле голем број на книжевни дела во кои неопходно е да се одгатнат симболите или да се решат одредени метафори за да се допре до прикриеното значење, сепак кон своето пишување практикувам еден подиректен и поотворен пристап. Верувам во убавината на едноставноста.

Што те мотивира и инспирира да пишуваш?

Честото соочување со емоции чиј интензитет едноставно не дозволува да ги задржам за себе и во себе. Како што често знам да се изјаснам кога ме прашуваат за причините заради кои пишувам, пишувањето за мене е душевен лек. Што и да ме допре од актуелните настани и случувања со посебен емотивен интензитет, веднаш го преточувам во збор.

Освен пишувањето, можеби некое хоби?

Уживам во цртањето мотиви од детските приказни за моите внуци кои подоцна ги бојат според нивна желба, како и во рачната изработка на креативни картички за поводи поврзани со моите најблиски.

„Кога се сака, има време за сè“. Точно е ова или избираш приоритети во животот?

Делумно е точно, бидејќи понекогаш самите животни околности ни наметнуваат неопходност од правење избор, а и бездруго сме свесни за динамичноста на времето во кое живееме. Во принцип сум успевала да најдам време за работите што најмногу ми значат и ме исполнуваат, но не ретко сум морала и да ги жртвувам на подолга патека во име на поприоритетни и неодложни обврски.

Кои се твоите идни планови, каква порака ќе им испратиш на читателите на Јави се Јужна?

На повидок е одбраната на мојот магистерски труд од област на англиската книжевност, кој во голема мера ме поттикна да продолжам и понатаму да се занимавам со критичкото проучување на текстовите од англиските класици. Пораката која ја испраќам до вашите читатели е да бидат свои и верни на себе, без да се обидуваат ни за момент да заличат на некој друг само за да бидат прифатени и одобрени. Да бидат уникатни, автентични, да веруваат во своите способности и соништа и крајната цел на секој подвиг во животот да им биде личната среќа и исполнетост.

Интервју со Филип Петровски – младиот перспективен писател од Куманово

Филип Петроски е млад и перспективен писател од Куманово, автор на книгата “Светот во световите”.   Иако е  дипломиран музичар решил своите гледишта, емоции, неговото душевно изразување да го преточи во книга. За својата книга, за неговите гледишта, за музиката одговори на неколку прашања за читателите на www.javisejuzna.mk

Автор си на книгата  ,, Светот во световите, опишини за што се работи во книгата во кратки црти?

Книгата е поделена на 30 раскази. Тематиката е како читателот, кој воедно е и главниот лик,  да ги соголи сите свои улоги во животот и да го почувствува импулсот на својата душа. Има одредени вежби како да се навлезе и во сферата на тишината, помеѓу свесното и она несвесното.  Да се избегне целиот стрес на денешново време и да научи како да ја канализира само позитивната енергија.  Има и филозофски насоки кои се подржани со длабоки психолошки размислувања. При читањето се сретнуваат и безброј мудри пораки и афоризми кои даваат светло онаму каде што одамна го нема. 

Каде може да се најде вашата книга, ја има ли во книжарниците, во библиотеките дали ја има се уште во продажба ?

За сега книгата „ Светот во Световите “ ја има во книжарницата Или – Или, продажниот салон на Југотон во Гтц во Скопје и во кумановската библиотека Тане Георгиевски. Секако тука е и опцијата на испраќање по карго лично од мене.

 Дипломиран музичар си. Музиката и пишувањето се израсни средства ,кои теми преовладуваат кај вас ?Дали претпочитате нешто да се ,,Случипа да напишете, или сте визионер и креирате ваши размислувања за иднината ?

Онаа нешто кое е веќе проживеано и живее во мене како сеќавање и одредена емоција, споено со мала умешност, игра на зборови и кохезична метафора допринесува много во пишувањето. Секако без визијата и креирањето во уметничкиот свет на пишаниот збор, не може далеку да се стигне. Визијата доживеана преку ментални проекции и медитација ми допринесува многу во пишувањето. Сето ова заедно се вдомува како еден плод помеѓу корицата на книгата.

Дали сте биле во ситуација , да одлучите што ќе вие приоритет, односно дали претпочитате да творите во музиката или да пишувате книги, цитати, мелодрами или пак имате формула сите да ги вкомпонирате во едно ?

Музиката како изведувач секогаш доаѓа со голем бран на емоции кога е потребно на сцена и во потребен момент. Тоа е волшебство во кое само се понира и ужива. Пишувањето на книга оди заедно под рака со пишувањето на цитати. Спојување на цитати и идеи со улоги, дејства и она имагинарното е само еден дел од инструментите на писателот кој тој ги употребува да дојде до замислената дестинација. Тоа е еден од начините да спојам се во едно, иако паралелно можат и да се независни едни од други. За мелодрамите…во некое друго време ќе зборуваме повеќе.

Имате статистика колку на број цитати имате напишано ? Кој цитат вие омилен ?

Не сум баш сигурен колко се, но бројката скоро секој ден нараснува, сигурен сум дека има многу повеќе од 80. Омилен не сум сигурен дали можам да одвојам, оти секој самиот по себе си е белег на некое доживување кое остава трага за цел живот, но ако морам, тоа би бил : Бадијала и будала ќе сум ако потсвеста управува со мене, а свесно се лажам дека е тоа судбина.

Во време на ,,Невремекога има превирање во државата , за вас писателите тогаш има неисцрпна мотивација да создавате големи дела. Дали се сложувате со оваа констатација ? Како размислувате на оваа тема ?

Што и да изјавам со ова би било релативно, но со селектирање и модифицирање на приказната во која ние сме улоги, оние пасивни од вториот ред и ја трпиме целата драма на режисерите. Може да излезе добар продукт на вистината која ќе бидне вметнета во некаде помеѓу листовите. Морам да признаам, во новата книга има доста вистини зад вистината, она која ни ја сервираат на малите екрани или пак на интернет порталите. Вистината е дека одамна се прави уништување врз секоја човечка душа, потиснување на истата, со одзимање на моралноста, етиката и интегритетот на секој поединец, за жал и уживање во некои си површни и избрзани задоволства кои многу бргу исчезнуваат.

Каде се инспирирате ? За што сакате да пишувате ?

Еднаш реков дека инспирација не бира простор ниту пак време. Доаѓа тогаш кога воопшто не ни помислувам на неа, но има и моменти со текот на созревањето на творечката точка во битието, кога со инспирацијата се набљудуваш, ја чувствуваш и ја чекаш самата да те побара и да творите. Во последно време опфаќам повеќе тематики, психошолки подржани со реализам, но и научно фантастични кои се засноваат на технологијата и фрекфенциите подржани од науката и медицината. Ова се и дел од повеќето тематики кои во новата книга ќе можат да се почуствуваат и препознаат.

 Македонија е талентирана нација. Дали има таленти за пишување ? Дали кај нас младите знаат да се изразат, да споделат што размислуваат преку пишан збор ?

Еднаш мој драг и ценет професор на едно предавање изјави : Се што звучи, драги ученици не значи дека е музика. Така да и јас ќе си земам за право дека и не секој пишан збор во стихови е поезија или составено парче од наредени реченици е проза. Рециклажа на веќе постоечки идеологии е застапена без сомнение. Но и покрај тоа можат да се сретнат автори со оргиналност во својот творечки опус. Секако дека има таленти кои треба и мора да се подржат повеќе од македонските портали и издавачи.

Како македонските автори да се изборат со конкуренцијата од странски автори, дали кога ќе напишеш некое дело или книга , како успеваш како обезбедуваш финасии да го издадеш во слободна продажба ?

Посакувањето и желбата се едно, вистината е сосема друга. За жал уметноста веќе се третира како бизнис производ ,мислам на она ‘уметност ‘ од ниската култура. Затоа и постои естетиката на грдото. Но и покрај тоа верувам дека вистинските вредности ќе дојдат на виделина кога – тогаш. Со поголема подршка од интернет порталите и посветување малку внимание на македонските автори, може да се придобие и нашата публика и да се насочи да чита повеќе македонски автори. За финансиите, повеќето одат од свој буџет, но некогаш може и да се најде спонзор што е ретка и добродојдена прилика.

Во слободно време, што сакаш да слушаш од музика, како го исполнуваш твоето слободно време ?

Во последно време слушам блуз и класика музика најмногу. Слободното време го искористувам во читање на разни научни статии и спиритуалности. Во квалитетен разговор со најблиските пријатели кои се директно вклучени и допринесуваат директно во пишувањето на моето ново дело. Секако тука е и спортот, таму се празнам од сите негативности. И на крај, оние преостанати минути во денот ги посветувам на себе си, за медитација и тишината.

Каква порака ќе им испратиш на верните читатели на Јависе Јужна и кои се твоите идни планови ?

Нека уживаат во секој пишан збор и нека извлечат поука од него. И повеќе да шернуваат и лајкнуваат постови, оти тоа е нашата најголема сајбер подршка а воедно и голема мотивација за авторите кои пишуваат.