Tag Archives: цвеќарство

Spathiphyllum-“Женска среќа”

Ова е многу интересно собно растение кое се нарекува – Женска среќа. Легендата за ова растение кажува дека им помага на девојките да го запознаат својот брачен другар, на мажените жени им помага во подобрување на фамилијарните односи, а на оние жени кои немаат деца се смета дека им помага да станат мајки. Па според тоа го добило и своето име бидејќи ја поттикнува среќата кај жените.
Но, за да влијае на среќата ова растение бара нега и љубов. Само во грижливи раце Spathiphyllum цвета. Се смета дека ако се појави цвет на ова растение, ќе ви се оствари вашата желба.
Ова растение нема стебло, а листовите му се овални или шилести и растат директно од земјата. Не бара многу светлина, а оптималната температура која му одговара е 22 – 23 степени.
Што се однесува до наводнувањето, зимно време се наводнува помалку за да не замрзне коренот.

Жените кои веќе ја искусиле среќата, им носеле на своите другарки коренчиња од ова цвеќе, за да и тие ја доживеат магичната моќ на ова растение. Па така денес, Spathiphyllum е едно од најраспространетите и најомилените подароци на женскиот пол.
Па ако сакате да направите некоја девојка, среќна жена слободно подарете и ,,Женска среќа,,. Одамна жените забележале дека постоењето на оваа убава билка во домот, привлекува со себе добри промени, особено во љубовните односи. Девојките го пронаоѓале својот избраник, девојките во врска – набрзо добивале понуда за брак, а мажените жени живееле среќен брачен живот. Оние жени кои немале деца, станувале мајки.

Саем за Венчавки (ФОТО)

Традиционално и оваа година по седми пат во хотелот Александар Палас се одржа саемот за венчавки, на кој учество земаа повеќе домашни и истакнати дизајнери.

Од познатите лица учество зедоа  Лила Филиповска, Сара Мејс, Рената Кралевска, Симона Поповска, Маријана Станојковска, Светлана Црнокрак, Зоран Љутков, Влатко Кузмановски, Љубица Јаневска, Јована Стојменовиќ, Јули Јана, Симона Станковска и други, а заштитно лице беше познатата водителка Елена Стефановска.

Елена Стефановска

Лила Филиповска

Симона Станковска

Симона Попоска

Љубица Јаневска

Кактуси – Декоративни растенија за вашата просторија

Поради неверојатната разновидност на големините и облиците, како и поради боите и градбите, кактусите и другите сукуленти нудат спектакуларна глетка. Нивните облици варираат од симетрични розети, до дебелите топчести кактуси и нажлебените столбови на некои богато разгранети пустински видови. Многу од нив само кратко цветаат, а други цветаат подолго и изобилуваат со богатство од префинети соцветија.

Еден од кактусите кои цветаат е Gymnocalycium baldianum – Брадестото џуџе

Овој кактус може да цвета кога има само 12 месеци, односно кога е само 3 см висок и со половина од тоа во дијаметар. Цвета обично во пролет – лето, а цветовите се најчесто со виолетово – црвена, виолетово – розева боја.

За одгледување на здрави, убави кактуси, способни за цветање и репродукција, важно е да се обезбедат оптимални услови за тоа: топлина, количина на светлина, состав на земјата (супстрат) и режим на полевање.

Кактусите сакаат топлина и отворен простор, па летно време убаво е да се изнесуваат надвор, притоа да се заштитени од дожд. Во зима кактусите треба да се сместени во светли простории со температура од 5 – 8 степени.

Што се однесува до залевањето со вода, кактусите не сакаат често залевање. Летен период се залеваат еднаш неделно и тоа наутро, а зимно време залевањето се сведува еднаш месечно, поради тоа што самите кактуси се наоѓаат во период на мирување кој трае од октомври до март.

Доколку сакате да ви се разубави работниот простор и да внесете живост и свежина убаво е да одгледувате мини кактуси.

Нивната убавина доаѓа со разновидноста и лесниот начин на одгледување. За одгледување на мини кактуси може да употребите мали садови од керамика, стакло, обични саксии, глинени садови, и притоа тие на дното треба да имаат мал отвор за да може водата побрзо да истекува. Мини кактусите може да ги комбинирате со одредени камења или други детали и да создадете креативна мини градина во вашиот дом.

Исто така, може да посадите повеќе кактуси и други сукуленти во еден сад.  За да постигнете поприроден ефект, на композицијата можете да и додадете и украсни парчиња од камен, камчиња или песок.

 

Петте најубави градини во светот

Ботаничките градини во светот ни даваат можност  да и се восхитуваме на природата.  Еден ден возење низ шарените, миризливи цвеќиња и восхитувачката природа е најдобар начин да се релаксирате и одморите.

Ова се петте најубави градини во светот:

  1. Keukenhof градина ( Холандија )

Оваа градина е позната како градина на Европа. Градината располага со 32 хектари земја полна со лалиња, мелници, фонтани и езера кои пленат со својата убавина.Можете да уживате во убавината на лалињата ( преку 800 видови на лалиња ) особено три месеци во годината од март до мај, па затоа е важно навреме да го испланирате вашиот одмор во Холандија. Keukenhof градината е на половина пат помеѓу Амстердам и Хаг и е сопственик на еден  од главните симболи на земјата: лалето. Keukenhof градината е одлична забава и за децата. Во неа има лавиринти и игралиште во кои тие можат да се забавуваат. Накратко кажано, забава за целото семејство.

 

  1. Градините на Клод Моне ( Франција )

Овие градини можат да ги препознаат сите оние кои ги виделе најпознатите слики на импресионистичкиот сликар Клод Моне, бидејќи повеќето од неговите дела ги сликал токму таму. Како и неговите слики, така и градините го менуваат својот изглед во зависност од сезоната. Тука имате можност да го посетите и домот на познатиот сликар кој содржи репродукции на многу од неговите најпознати слики и неговата огромна збирка јапонски отпечатоци.

 

  1. Петерхоф Палатата со градини ( Русија )

Една од најпознатите и најпопуларните туристички атракции во Санкт Петербург е Петерхоф палатата и паркот. Оваа палата импресионира со своите градини и ги пречекува посетителите со својата восхитувачка убавина. Звукот на природата во придружба на водата од фонтаните се вистинско задоволство. Особено импресивен е фактот што сите дизајнери на градини кои работеле на овој имот успеале да ги надминат екстремно неповолните услови на северна клима и да создадат градини со зеленило и цвеќиња, прекрасни пејсажи и раскошни архитектонски украси.

 

  1. Версајскиот дворец со градини  ( Франција )

Сместени на западниот дел од палатата, градините покриваат околу 800 хектари земјиште, од кое голем дел е уреден во класичен француски стил. Интересно е да се забележат фонтаните кои се наоѓаат низ големите тревници, разнобојните цвеќиња и скулптурите. Користејќи ја истата хидраулика уште од времето на Луј IV, фонтаните ги прават градините на Версај уникатни.За време на викендите од крајот на пролетта до почетокот на есента сите фонтани во градините се во целосна претстава. Посетителите можат да уживаат во овој спектакл кога сите фонтани танцуваат во ритамот на музиката.

 

  1. Градината на кактуси ( Шпанија )

Сместена во ( Гуатиза ) Лансароте, еден од канарските острови под управа на Шпанија, градината на кактуси е создадена од страна на уметникот и архитект Цезар Манрике. Таа е една од познатите дела на Манрике. Овде можете да уживате во глетката на повеќе од 1400 видови на кактуси од целиот свет. Почитувањето на природната околина е клучниот момент на ова архитектонско дело на Манрике што може да се види токму од оваа градина целосно интегрирана во пределот на островот. Ветерницата која се издвојува е најдоброто место да се фотографира оваа градина која е изградена во форма на амфитеатар.Идеално место за одмор додека ја посетувате оваа градина е езерцето во градината или кафулето каде може да се освежите.

 

Зимски градини-Цветни соби

ЦВЕТНАТА СОБА честопати се дефинира како составен дел на куќата, односно дополнителна дневна соба, удобно наместена и украсена со собни растенија. Меѓутоа, некои љубители на собни растенија ќе посакаат нивната цветна соба да биде затворен продолжеток на нивната градина.

Кога се гради цветна соба, се води сметка за тоа на кој дел од куќата да се додате, за да се вклопи убаво, а истовремено да биде поврзана со кујната, ходникот или со друга просторија во која се престојува.

Цветната соба треба да биде доволно осветлена, да има систем за проветрување, по можност таванско проветрување. Сите активности во цветната соба се околу растенијата ( садење, пресадување, размножување, нега ). Па поради тоа подот и мебелот мора да бидат практични и од отпорни материјали.

Воздухот во цветните соби не треба да биде сув, бидејќи нема да им е погоден на растенијата, а и ќе го поттикнува напаѓањето на некои болести и штетници.

Најчест проблем во негата на собните растенија е претераното залевање. Правило е да се залева дури кога компостот речиси се исушил. Во текот на активното растење се залеваат обилно, а многу помалку зиме, кога растенијата мируваат – два пати месечно или дури и поретко ќе биде доволно. За залевање на растенијата најдобро е да се користи вода која има иста температура како и самите растенија и супстратот во кој се посадени, однодно стоена вода.

Растенијата имаат важна улога во насочувањето на енергијата и хармонијата во домот. Сите растенија шират позитивна енергија бидејќи го прочистуват воздухот и помагаат животната енергија да циркулира низ домот. Украсувањето со растенија не само што визуелно ќе ги разубави просториите, туку ќе помогне и во намалувањето на вревата, освежувањето на воздухот и обликувањето на помалку стресен амбиент.

Затоа, доколку немате услови да си направите цветна соба, доволно е да имате и по некое растение во дневната соба со кое ќе ја украсите дневната соба, а со тоа ќе донесете и позитивна енергија во вашиот дом.