Брајтон и Кристал Палас го имаат едно од најнесекојдневните ривалства во англискиот фудбал. Ривалството е познато под името „А23 дерби“ преземено од името на автопатот што го поврзува Брајтон со Кројдон (населба во Лондон каде што се наоѓа „Селхурст Парк“ – стадионот на Кристал Палас). Имено, нивниот анимозитет датира од доцните седумдесети години на минатиот век кога и двете екипи, предводени од млади перспективни тренери, заедно се издигнале од третата до првата лига. Брајтон беше единствениот професионален фудбалски тим од областа Сасекс сè до 2011 кога во четвртата лига се пласира Кроули Таун. Имајќи го тоа во предвид, најблизок лигашки соперник на Брајтон му бил токму Кристал Палас кој бил оддалечен околу седумдесет километри. Моменталниот тренер на Кристал Палас, воедно и нивен навивач, Рој Хоџсон, изјавил дека во педесетите и шеесетите години немало никакво ривалство помеѓу овие две екипи. Сепак, оттогаш, па сè досега, Брајтон и Палас имаат одиграно многу натпревари, а голем дел од нив завршиле со инциденти во и надвор од теренот.
Заклучно со 2019, двете екипи имаат одиграно вкупно сто и три меѓусебни натпревари во сите натпреварувања. Брајтон е за нијанса поуспешен со четириесет победи односно две повеќе во однос на Кристал Палас. Од друга страна, дури дваесет и пет натпревари завршиле со нерешен исход.



