Занзибар е полуавтономна сојузна единица на Танзанија. Единицата е составена од архипелагот Занзибар, кој пак се наоѓа во Источна Африка, поточно во Индискиот Океан. Архипелагот е оддалечен 25 до 50 километри од копното на Танзанија (Тангањика). Самиот архипелаг е составен од бројни мали острови, меѓу кои најголеми се Унгуџа (главен остров, неофицијално се именува како Занзибар) и Пемба. Главниот град на оваа полуавтономна единица е Занзибар, кој се наоѓа на островот Унгуџа.
Главните стопански гранки на Занзибар се производството на зачини, рафија и туризмот. Меѓу бројните зачини, главни се биберот, цимет, индиски орев и каранфилче. Мирисот на ванила, цимет и какао слободно можат да се наречат и мириси на Занзибар. Според милиони туристи што биле тука, Занзибар е остров од бајките.