Кога за прв пат се запозна со ракометната игра ?
Со ракомет започнав да се занимавам од мојата дванаесетта година. Наставникот Кире Ноневски по физичко образование забележа дека играм со лева рака и ми предложи да почнам да тренирам ракомет.
Колку години активно тренираш ?
Ракомет тренирав девет години , па направив пауза еден период, но љубовта кон ракометот беше голема што ме натера пак да се вратам на теренот.
Ракометот е прв твој избор за спорт или имаш во минатото обиди да се занимаваш и со друг спорт ?
Да дефинитивно ракометот е мој прв избор за спорт. Отсекогаш сум сакала тимски спортови но некако ракометот ми беше најпримамлив.
Какви карактеристики треба да поседува ракометарот/ракометарката на твојата позиција?
Пред се потребна е физичка спремност бидејќи тоа е брза и колективна игра. За крилната позиција потребна е брзина, подвижност, добар скок, прецизност…
Зошто се одлучи за крилната позиција или тоа беше одлука на твојот тренер ?
Да играм на крилна позиција беше одлука на мојот тренер, но често пати играм и на позиција десен бек.
Колку си задоволна од ЖРК Стружанка и каква атмосфера владее во тимот ?
Во нашиот тим владее позитивна и пријателска атмосфера. На секој меч даваме се од себе и одиме кон победа. Но за жал во моментов немаме услови какви што заслужува една екипа која се натпреварува во Супер лига.
Која е твоја омилена ракометарка и дали во иднина се стремиш за интернационален трансфер ?
Како една од омилените играчи би ја издвоила Јованка Радичевиќ , ми се допаѓа нејзиниот начин на игра и нејзината борбеност на теренот. Сега засега не планирам никаков трансфер, а за во иднина би можела зошто да не.
Дали Македонија има иднина во женскиот ракомет и дали им советуваш на неодлучните што сеуште не започнале да спортуваат да се одлучат да тренираат ракомет ?
Мислам дека ракометот во Македонија е спорт број еден и има многу талентирани играчи. Но за разлика од машкиот во женскиот ракомет не се вложува доволно. Потребно е вклучување на силни спонзори коишто ќе обезбедат квалитетни услови за работа во клубовите. На сите тие што се неодлучни би им препорачала да почнат да се занимаваат со било каков спорт, бидејќи на тој начин ќе живеат поздраво, ќе бидат опкружени со позитивни луѓе кои имаат ведар и здрав дух.
Кои се твоите идни планови и каква порака ќе им испратиш на нашите верни читатели на јависејужна.мк ?
Засега моите планови се да одиграм добра сезона во мојот клуб и да се надевам на поголеми успеси понатака. На читателите би им препорачала да доаѓаат што е можно повеќе на нашите натпревари и да не бодрат од трибините бидејќи секоја наша победа е и нивна, односно на нашиот град.