1.Кога за прв пат почуствува дека ќе се занимаваш со фудбал ?
Уште на седум-осум годишна возраст веќе започнав со првите фудбалски чекори и од тој момент знаев дека фудбалот ќе биде мојата професионална определба.
2.Кој го откри твојот талент ?
Мојот талент го откри Сашо Илиевски во ФК Пелистер затоа што кај него започнав со првите тренинзи на шест-годишна возраст. Тој многу веруваше во мене и од тука се започна мојата фудбалска приказна.
3.Кој е првиот тренер со кој имаш соработувано и во кариерата од кој тренер најмногу научи ?
Како што погоре напоменав прв тренер ми беше Сашо Илиевски, инаку од секој еден тренер има што да се научи нешто ново и различно од претходниот тренер. Стекнуваш нови искуства, јас лично сум имал и добри и лоши тренери, успешни и помалку успешни. Не би сакал да издвојувам никој, затоа што сите имаа свој удел во мојата кариера.
4.Можеш ли да ни го доловиш впечатокот од првиот твој тренинг ?
Хаха, првиот мој тренинг се сеќавам беше второ-трето одделение, ми беше многу срам, размислував дали успешно ќе ги завршам вежбите, дали ќе го воодушевам тренерот, но се заврши првиот ден добро, одлично тренирав и покажав се што знаев 😀
5.Настапуваш на позиција напаѓач. Какви карактеристики треба да се поседува за оваа позиција?
Карактеристиките кои треба да ги поседува еден напаѓач се следните: Треба да има ,,нос за гол” (стара изрека), подеднакво квалитетно да ги користи двете нозе, да има скок со глава, да биде јак во дуел, да е снаодлив внатре во шеснаесетникот, секој негов напад да биде потенцијална опасност за голманот и едноставно напаѓачот треба да живее за погодоците.
6.Настапуваш за Хајдук од Сплит. Дали овој клуб тие најголем клуб во кариерата и какво е чуството да се бранат боите на еден голем балкански спортски великан ?
Да токму така, Хајдук од Сплит е мој најголем клуб во кариерата. Чуството е прексрасно и неописливо со зборови. Навистина не постојат зборови со кои што може да се опише клубот и играњето за таков еден великан. Само тие што настапувале во овој клуб или кои живееле во Сплит можат да разберат за каков голем клуб станува збор.
7.Чешка, Полска, Романија, Унгарија, Турција и Хрватска ова се земји во кој имаш искуство од првенствени настапи. Кое првенство од нив е најквалитетно, а која држава тие од нив најубаво место за живеење ?
Секое првенство има своја тежина и квалитет, нема лесни натпревари во ниедна лига. Секаде има позитивни и лоши карактеристики од првенствата каде имам настапувано, но никаде не беше лесно. Најубави места за живеење би ги издвоил овие три града и тоа: Гдиња (Полска), Загреб и Сплит (Хрватска).
8.Имаш репрезентативно искуство и постигнат гол за Македонија. Мислиш ли дека си изоставен неоправдано и дали ако добиеш повик за настап дали позитивно ќе одговориш?
Хммм. Мислам дека сум неправедно изоставен, јавна тајна е дека имав конфликт со селекторот, но и повеќе други репрезентативци беа во конфликт со селекторот. Сметам дека заслужувам повик, бидејќи три години во Хрватска сум еден од најдобрите голгетери во првенството (минатата сезона бев трет стрелец во ХНЛ), освен тоа играм за еден од најголемите балкански но и европски клубови во Европа, а тоа е Хајдук од Сплит. Сепак секој си има свое размислување и секој треба да ја сноси одговорноста (така и селекторот). Мое размислување е дека се додека е сегашниот селектор јас нема да добијам повик. Незнам каков би бил мојот одговор, за мене репрезентацијата е светост, уживав секој поминат момент со репрезентацијата, носејќи го националниот дрес и грбот на државата.
9.Дали гледаш перспектива и напредок во блиска иднина како во клупскиот така и во репрезентативниот фудбал во Македонија ?
Искрен да бидам, во клупскиот фудбал ниту сега ниту во блиска иднина гледам светла иднина, моментално Шкендија финансира одлично и вложува многу средства, минатата сезона и Вардар вложуваше огромни средства, но тоа на некој не му одеше во прилог…. мислам дека газдата на Вардар ако за скоро не најде модул да биде профитабилен мислам дека ќе се откаже од финансиските вложувања во клубот, па останува само Шкендија на повисоко ниво. Репрезентацијата е на подобро ниво, има моментални одлични резултати. Сите посакуваме репрезентацијата да се пласира на ЕП, затоа што тоа е единствена шанса да направиме успех или повторно да се вратиме на лошите резултати. УЕФА ни даде шанса ние треба да ја искористиме.
10.Кои се твоите идни планови и каква порака ќе им испратиш на нашите верни читатели на јависејужна.мк ?
Никогаш не правам долгорочни планови. Живеам секој ден како да е последен. Размислувам само за тековниот ден. Сега посакувам само да се вратам рехабилитиран и спремен после повредата, да се вратам во стариот ритам, да започнам со нова серија на голови и секако со победи за најголемиот клуб на Балканот. Сакам да уживам во фудбалот. Да бидам среќен со семејството. Господ нека дава здравје на сите, а јас им препорачувам на сите читатели и на јавноста да ја следат јависејужна.мк затоа што секогаш се во тек со настаните од спортот, како во Македонија така и од странство. Ви благодарам што ми овозможивте вакво ексклузивно интервју.