Мартин Ивановски е млад и перспективен среден бек кој игра за тимот на РК Охрид 2013. Пред неколку дена со младинскиот тим на Охрид стигна до титулата младински вице-првак, а тој лично влезе во АLL STAR тимот на турнирот и се закити со наградата најдобар среден бек. Има добиено повик и за кадетската репрезентација на Македонија на подготвителни натпревари. Прочитајте го екслузивното интервју на www.javisejuzna.mk и запознајте го овој млад ракометар.
JAВИ СЕ ЈУЖНА: На колку години започна со ракомет и од каде љубовта за ракометот?
Започнав со ракомет на 11 годишна воздраст. Пред тоа ги пробав скоро сите спортови, но на никој од нив не можев да се задржам подолго од 2 месеци. Тогаш ракометот во Охрид не беше развиен како денес и постоеше само една година. Инспириран од нашиот бивш репрезентативец Наумче Мојсоски гледајќи го на телевизија започнав да тренирам во охридската школа. Одржав само еден тренинг во школата и веќе другиот ден имавме пријателска утакмица со Струга. Реков дека сакам да играм среден и лев бек како Мојсоски. Бев 3-та постава и на првата утакмица со само еден тренинг постигнав 7 гола од 7 шута. Гледајќи го Мојсо на телевизија се трудев да ги копирам неговите потези и тие ми успеваа. После тоа веќе следниот тренинг мојот прв тренер Ѓоко Апостолов ме гледаше со други очи и одма влегов во првата постава.
JAВИ СЕ ЈУЖНА: Koи беа твоите први тренери кои те учеа на тајните на ракометната игра?
На почетокот во пионерска конкуренција со Ѓоко Апостолов кој не учеше на основите сегменти на ракометната игра и истиот ме предложи да тренирам со првиот тим на Охрид на 13 годишна воздраст. Тогаш тренирав истовремено и со пионери и со прв тим каде тренер е Горан Андоновски. И одма почнав да тренирам и со младинската екипа кај Наум Бабачев. Имав по 3 тренинзи во денот од 7 до 11 скоро секој ден. Играв во трите лиги кај тројцата тренери. И сега последнава година на чело на младинската екипа дојде Сашо Ристески. Од сите тренери имам незаборавно искуство и на свој начин секој дава придонес во мојот ракометен напредок и од срце им се заблагодарувам за тоа.
JAВИ СЕ ЈУЖНА: Годинава ти и уште неколку твои врсници од младинскиот тим на Охрид потпишавте договори со сениорскиот тим на РК Охрид. Ви помогна ли тренингот со постарите колеги и минутите кои ги изигравте во Суперлига да стигнете до финале на младинскиот фајнл-фор?
Ние сме стандардни првотимци. Ја делиме соблекувалната со постарите одамна и од година во година како што растеме и се развиваме добиваме и поголема минутажа во првиот тим. Секако дека тренинзите и натпреварите одиграни во Супер лига имаат големо значење за нашиот напредок но јас мислам дека ова достигнување го постигнавме низ целиот тренажен процес во изминатите години.
JAВИ СЕ ЈУЖНА: Горд ли си што пред неколку дена успеавте да стигнете до титулата младински вице-првак на Македонија. Титулата ви избега за еден гол во финалето против Металург ?
На хартија гледано титулата младински вице-првак на Македонија мене и не ми значи многу дека ако гледаме реално на работите, а јас секогаш се трудам да гледам реално мислам дека оваа година без многу мака стигнавме до фајнл-фор. Одигравме неколку квалитетни меча, но во групата имаше само 8 екипи. Според мене да си во првите 2 од 8 не е многу тешко, но сепак да си втор во една држава е успех. Лично јас сакам да освојувам титули и да победувам и сметам дека можевме да победиме во финалето против Mеталург и да го освоиме златото и само поради тоа не сум задоволен со второ место.
JAВИ СЕ ЈУЖНА: Играш на најкреативната позиција во ракометот -организатор на игра. Кој светски ракометар ти е идол?
Па да мислам дека имам дарба да играм на оваа позиција, а и омилена позиција ми е . Средниот бек е лидер на екипата. Сакам да ја водам екипата да ја организирам и уживам правејќи го тоа. Омилен светски играч ми е Сандер Сагосен.
JAВИ СЕ ЈУЖНА: Каде се гледа Мартин Ивановски во иднина на ракометната мапа и порака за љубителите на спортот и читателите на www.javisejuzna.mk ?
Се уште имам договор со Охрид и не размислувам за преминување во друг клуб сега за сега, но секако дека би сакал да играм во некој поголем клуб во странство и да играм на едно повисоко ниво. Сакам да им порачам на сите љубители на спортот да продолжат да го поддржуваат и на сите читатели на www.javisejuzna.mk да ја следат страната и да се информираат за најновите вести од спортот.