Тимот на Билерики Таун моментално се натпреварува во англиската шеста лига и се бори за влез во петтата, но деновиве се соочи со контроверзни проблеми. Имено, сопственикот на клубот, Глен Тамплин, испратил барање до тренерот Хари Вилер во кое изјавил желба во игра да влезе неговиот 16 годишен син Арчи Тамплин. Вилер не ја испочитувал желбата на сопственикот на клубот сметајќи дека тоа нема да даде позитивен придонес врз играта на тимот. Тамплин револтиран од одлуката на Вилер веднаш му врачил отказ и како нов тренер-играч го назначил поранешниот член на Тотенхем – Џејми О’Хара.
Неколку дена подоцна, Тамплин поднесел оставка од својата функција и своите акции ги ставил на продавање барајќи огромна сума на пари. Додека тој беше претседател на Билерики, во редовите на тимот доведе неколку звучни играчи како О’Хара, Пенант и Кончески коишто играа за 3000-4000 фунти неделно. Моментално единствен челник во клубот е партнерот на Тамплин – Ендру Косиас кој стравува од финансиски проблеми доколку акциите на Тамплин не бидат откупени.



