Деветтото светско првенство во рагби се одржа во Јапонија оваа година. Ова беше првото СП што се одржало во Азија, а воедно и првото СП што се одржало надвор од земјите што се водат како „срцето на рагбито” – Нов Зеланд, ЈАР, Англија, Велс, Австралија, Ирска, Франција, Аргентина, Шкотска и Италија. Натпреварите се играа на 12 стадиони. Финалето се одигра на интернационалниот стадион во Јокохама кој има капацитет од 72 327 гледачи.
Првиот натпревар го одиграа селекциите на Јапонија и Русија. На овој меч падна најбрзиот есеј во увертирата на СП во историјата – после три минути игра, За Русија поентираше Голоснитски. Исто така, на првиот натпревар го видовме и првиот хет-трик на СП 2019 од страна на Котаро Матсушима. Првиот дроп-гол на првенството го постигна Камило Лопез од Франција, а Дан Бигар од Велс го постигна најбрзиот дроп-гол на натпревар од групната фаза во историјата (после 35 секунди). Најбрзиот хет-трик во историјата го постигна Кобус Рајнах од ЈАР за време од 20 минути. Освен убави сцени, на ова СП бевме сведоци и на еден немил настан – ураганот Хагибис. Овој ураган беше заслужен за одложување на три натпревари што се првите одложени натпревари во историјата на СП во рагби. На првенството паднаа вкупно 287 есеи, а играч со најмногу постигнати поени беше Андре Полард од Јужна Африка (65). Играч со најмногу постингати есеи беше Џош Адамс од Велс кој на своето конто забележа дури седум полагања. Со по две награди за МВП на еден натпревар се одликуваа само два играчи: Семи Радрада од Фиџи и Боден Берет од Нов Зеланд.
На овогодинешното првенство учествуваа вкупно 20 екипи кои беа распоредени во четири групи.
Група А: Ирска, Шкотска, Јапонија, Русија и Самоа
Група Б: Нов Зеланд, ЈАР, Италија, Намибија и Канада
Група В: Англија, Франција, Аргентина, САД и Тонга
Група Г: Австралија, Велс, Грузија, Фиџи и Уругвај
Јапонија: Домаќинот направи вистинска сензација на првенството со победата над Ирска која во тој момент беше првопласирана селекција на светот. За сензацијата да биде уште поголема, Јапонија со четири победи од четири натпревари во групата успеа да избори пласман во четврт-финалето кадешто беше запрена од ЈАР. Со ова, Јапонија стана првата селекција од Азија што се пласирала во плејофот на едно СП. Во четврт-финалниот натпревар, ЈАР целосно издоминира пред сè преку играта со скрам и им го нанесе првиот и кобен пораз на Јапонците со 26-3. Најдобар поентер на домаќините на ова СП им беше Тамура кој постигна 9 конверзии и 9 пенали – вкупно 45 поени. Котаро Матсушима со постигнатиот хет-трик во првиот натпревар стана првиот Јапонец кој постигнал хет-трик на едно СП. Групната фаза ја заврши со 5 постигнати есеи.
Ирска: Прв пат во историјата Ирска беше првопласирана селекција во светот во пресрет на СП и влезе со големи очекувања и надеж за пласман во историско полуфинале. Во групната фаза, неочекувано доживеаја пораз од Јапонија, но со победите против Шкотска, Русија и Самоа успеаја да изборат пласман во четврт-финале. Таму беа фуриозно запрени од шампионите на претходното СП, Нов Зеланд, со резултат од 46-14. Воедно, тој натпревар беше последен за легендарниот ирски капитен Рори Бест во дресот на Ирска. Во групната фаза, Ирците имаа доста варијабилна игра и разни оружја за поентирање. Постигнаа вкупно 18 есеи кои беа дело на 11 различни играчи.
Шкотска: Шкотска го отвори првенството со пораз од Ирска, но во наредните два натпревари издвои две победи и тоа со биланс на поени кој изнесуваше 95-0. Најпрво Самоа беше совладана со 34-0, а потоа и Русија со 61-0. Во тој натпревар Хастингс постигна дури 31 поен. Во своја корист им беа досудени два казнети есеи што е најмногу заедно со Италија на ова СП. Иако Шкотланѓаните постигнаа 16 есеи и 3 повеќе од Јапонија, сепак не успеаја да влезат во четврт-финалето. Имено, токму Јапонија во директен дуел во последното коло од групната фаза ги совлада со 28-21. Сепак, со освоеното трето место во групата, Шкотска си обезбеди пласман на наредното СП што ќе се одржи во Франција во 2023.
Самоа: Самоанците, во текот на првенството, ги „красеше” недисциплираната игра. Во првите три натпревари добија дури 33 казни, а на секој натпревар добиваа барем еден картон. Фидоу беше првиот играч што доби црвен картон (два жолти) на ова СП. На натпреварот против Русија за два минути добија два жолти картони, па Русите речиси 8 минути беа со два играчи повеќе на теренот. Сепак, успеаја да слават на тој меч со 34-9 и така да ја запишат првата и единствената победа на ова СП.
Русија: Првиот настап на СП, Русите го имаа во 2011, а ова за нив беше втора шанса да се испробат на светската сцена. Сепак, сè уште немаат забележано победа на СП, иако овој пат започнаа навистина добро – со постигнат есеј после само три минути игра од страна на Голоснитски. Тој есеј беше единствен што го постигнаа Русите, а другите поени ги постигна Кушнарев преку една конверзија, три пенали и еден дроп-гол. Русите примија вкупно 24 есеи и дури 160 поени што во просек е по 40 примени поени по натпревар.
Нов Зеланд: Нов Зеланд, како и на претходното првенство, влезе како главен фаворит и актуелен шампион. Шампионски го започна и ова првенство со три победи во групата. Натпреварот против Италија беше одложен заради ураганот Хагибис, па им беа доделени по два поени и на двете екипи. Нов Зеланд во групната фаза прими само еден есеј и тоа од ЈАР. На трите групни натпревари постигнаа 22 есеи, а на натпреварот против Канада, за прв пат во историјата, по еден есеј постигнаа тројца браќа – Боден, Џорди и Скот Берет. И во четврт-финалето против Ирска покажаа стравотна игра, но на сето тоа му дојде крајот кога во полуфиналето беа потполно издоминирани од Англичаните и изгубија со 19-7. Во мечот за третото место, убедливо го совладаа Велс со 40-17.
ЈАР: „Бронзената” селекција од претходното СП направи еден чекор напред со пласман во финалето кое го доби убедливо против Англија со 32-12. ЈАР беше селекцијата што постигна најмногу есеи во групната фаза (27), а истите беа дело на 17 играчи. Големиот варијабилитет во нападот, проследен со одличната одбрана и неприкосновениот скрам беше клучен фактор за освојување на СП 2019. Под водството на тренерот Еразмус, ЈАР прикажа незапирлива игра. Првенството го почнаа со пораз од Нов Зеланд, но во продолжение славеа на сите преостанати натпревари. Најпрво во групата ги совладаа Намибија, Италија и Канада, а во нокаут-фазата беа поуспешни од Јапонија, Франција и Англија.
Италија: Италијанскиот капитен, Серџо Парисе, го започна своето рекордно петто СП во дресот на Италија, но ѝ помогна на својата селекција само во првиот натпревар кога ја совладаа Намибија. Италијанците запишаа победа и против Канада во вториот натпревар, па после две кола беа првопласирани во групата. Во третиот натпревар, на ред дојде ЈАР којашто ги совлада убедливо со 49-3, а дуелот со Нов Зеланд беше откажан, па на двете екипи им беа доделени два поени што на Италијанците не им овозможија пласман понатаму. Сепак, Италија си осигура пласман на СП 2023 со освоеното трето место во групата.
Намибија: Африканците ја имаа најслабата одбрана на ова СП со примени вкупно 27 есеи од три натпревари или во просек од 9 по натпревар. Постигнаа само три есеи преку Стивенс, Грејлинг и Плато. Го забележаа и највисокиот пораз на ова СП – 71-9 од Нов Зеланд, а единствените поени ги добија откако им беше одложен натпреварот со Канада.
Канада: Одбраната на Канада беше една од најслабите на првенството и прими 177 поени и 26 есеи после три одиграни натпревари. Постигнаа само два есеи преку Коу и Хитон, а истите беа успешно конвертирани од Нелсон. Канада, заедно со Намибија, „профитираше” од својот откажан меѓусебен дуел и на тој начин ги заработи единствените поени.
Англија: Англичаните, после разочарувачкото СП 2015 на коешто беа домаќини, овде се покажаа во неверојатно светло. Прв пат во својата историја, на кормилото имаат тренер што не е Англичанец. Станува збор за Австралиецот Џонс кој во групната фаза ги предводеше до три победи од три натпревари, воедно максимизирајќи ја играта со најдобрата одбрана. Примија само 20 поени и два есеи во групата, а тоа беше одличен начин да се освои првото место. Дуелот со Франција, кој ќе беше борба за првата позиција во групата, беше исто така одложен заради ураганот Хагибис. Во четврт-финалето, Англија убедливо ја совлада Австралија со 40-16, а најзасужен за тоа беше Фарел кој постигна 4 конверзии и 4 пенали. Во полуфиналето, Англија успешно му го „зема скалпот” и на Нов Зеланд. Во тој натпревар, Туилаги го постигна најбрзиот есеј на ова СП – после 98 секунди, со што ја најави победата на Англичаните од 19-7 и пласман во фналето. Во финалето изгубија заслужено од „Спрингбокс” со 32-12 прикажувајќи недоволно квалитетна игра проследена со голем број на грешки и казни.
Франција: Франција ни ги пружи резултатски најнеизвесните натпревари на првенството, со мачните победи против Аргентина и Тонга од 2 разлика и поразот од Велс во четврт-финалето со 20-19. Запиша убедлива победа против САД од 33-9, а дуелот со Англија беше одложен. На втората позиција во групата се најде само заради полошиот биланс на поени од Англија – постигнаа 9, а примија 6 есеи. Во четврт-финалето водеа во поголемиот дел од натпреварот, но пресуден момент беше добиениот црвен картон на играчот од втората линија што постигна есеј на истиот меч – Вахамахина. Во својот тим го имаат еден од најперспективните млади играчи – Ромен Нтамак, синот на поранешниот француски репрезентативец Емил Нтамак.
Аргентина: Полуфиналистите на минатото СП имаа повеќе постигнати есеи од Французите, но сепак не поминаа во четврт-финалето, пред сè заради болниот пораз во првото коло токму од „Сините”. Имено, Аргентина имаше шут за победа во последната минута, но Бофели биеше непрецизно од 52 метри. Најдобар поентер им беше Монтоја со постигнати 4 есеи, а имаа и добри шутери. Санчез постигна 6 конверзии и еден пенал, а Урдапилета конвертираше 5 конверзии и 3 пенали. Во последното коло славеа против САД и на тој натпревар, од репрезентативната кариера, се опрости легендарниот Легуизамон.
Тонга: Тонга беше единствената пацифичка селекција што не заработи ниту еден картон на ова СП. Забележаа тесен пораз од Франција (23-21), а славеа против САД со 31-19. Веаину стана првиот Тонганец кој постигнал 3 есеи на едно СП. Примија ист број на есеи како и Аргентинците – 13. Тонганците успеаја да ги конвертираат сите свои 8 есеи и тоа преку петте конверзии на Такулуа и по една на Фосита, Фаива и Пиутау. Со погодената конверзија, Пиутау се опрости од репрезентативната кариера.
САД: Американците ги загубија сите натпревари и на второ последователно СП завршуваат со 0 поени на табелата. Примија дури 23 есеи, а постигнаа само 7. По 2 есеи постигнаа Скали и Те’о, а најдобар поентер им беше МекЏинти со 17 поени (4 конверзии и 3 пенали).
Велс: Пред почетокот на СП, Велс го освои Купот на 6 нации со гренд-слем (без пораз). Велшаните немаа пораз ни на ова СП сè до полуфиналето кадешто беа совладани од ЈАР со 19-16. Во тој натпревар, Велс израмнуваше дури 4 пати, но ЈАР славеше со петтото водство. Во групната фаза, Адамс постигна 5 есеи и беше на врвот на листата заедно со Матсушима од Јапонија. Со прави водачи во тимот од типот на Бигар и Типурич, Велс во четврт-финалето ја совлада Франција со 20-19. Шутерите на „црвените” се покажаа многу добро. Бигар, Халфпени и Печел заедно псотигнаа 79 поени. Во дуелот за третото место прикажаа прилично слаба игра и доживеаја пораз од 40-17 од Нов Зеланд.
Австралија: „Кенгурите” на ова СП дојдоа со ослабен состав, но сепак забележаа три победи во групата и само еден пораз од Велс. Одличниот напад на Австралијците постигна 20 есеи од 13 различни играчи и беше проследен со добри шутери како Леалиифано и Тоомуа кои постигнаа вкупно 41 поен. На натпреварот против Уругвај, Петаиа со своите 19 години стана најмладиот играч на Австралија пто постигнал есеј на СП. Во четврт-финалето, со 40-16 беа поразени од Англија.
Фиџи: И Фиџи, исто како Самоа, покажа прилично груба игра што беше „наградена” со картони. Забележаа само една победа од 45-10 против Грузија, а нивниот стил на игра беше карактеризиран како максимално борбен. Доживеаја неочекуван и изненадувачки пораз од Уругвај пред сè заради лошото шутирање на Матавеси. Постигнаа ист број на есеи како Велс (16), но примија дури 14. Семи Радрадра беше еден од ретките играчи што во два наврати беше изберен како играч на натпреварот.
Грузија: Грузијците, со своите тешки играчи, имаа одлична скрам игра и тоа им помогна да запишат победа против Уругвај од 33-7. Постигнаа 9, а примија 18 есеи. После ова СП, легендарниот грузиски играч – Горгодзе, ја заврши својата кариера. Абзхандадзе и Матиашвили се покажаа како солидни шутери и постигнаа вкупно 20 поени. Грузија има млад состав и е една од репрезентациите на којашто им следува голем прогрес.
Уругвај: До пред неколку години, Уругвајците важеа за аматери во рагбито, но денес имаат над 10 играчи кои се бават професионално со овој спорт. Во првото коло, забележаа сензационална победа против Фиџи. Тоа беше прва победа за Уругвај над истиот ривал, а воедно и прва победа на СП над екипа која е рангирана на првите 10 позиции на ранг-листата. Последната победа на Уругвај на СП датираше од пред 16 години кога ја совладаа Грузија. Најдобриот поентер на Уругвај, а воедно еден од најдобрите шутери (процентуално) на ова СП беше Беркеси кој постигна 30 поени и имаше само два промашени удари од можните 14. Уругвај беше единствената селекција што беше последнопласирана, а сепак имаше забележано победа.