Екипата на Питсбург Пенгуинс со 4-1 успеа да ги совлада Монтреал Канадиенс во својата „ППГ Пеинтс Арена“. Првата третина заврши без голови, а втората беше потполно контрастна со вкупно четири погодоци. Најпрво, Крис Летанг постигна пауер-плеј гол за водство на „Пингвините“ од 1-0, а на две минути до паузата, Џејсон Цукер зголеми на 2-0. Една минута подоцна, Монтреал намали на 2-1 преку Томаш Татар, а само триесетина секунди подоцна, Цукер со својот втор гол на натпреварот ја врати предноста од два гола разлика на својот тим. За Цукер, овие два гола беа дебитантски во дресот на Питсбург откако пред една недела беше трејдуван од редовите на Минесота Вајлд. Американецот, во дресот на Минесота, постигна 14 голови на 46 натпревари. Конечниот резултат го постави Зек Естон-Рис при крајот на третата третина.
„ За мене, најважна е победата. Тоа беше одлично. Добро е што се врати победничкото чувство. Одлично е бидејќи тоа го направив со овие момци, така да оваа ноќ беше забавна.“ – кажа Цукер по натпреварот.
„Мислам дека брзината на Цукер беше поприметна вечерва. Можеше да се види колку е добар во транзиција кога пакот оди од одбраната во нападот. Исто така одлична е и неговата способност да создаде сепарација и да создаде прилика. Имаме играчи што можат да му го дадат пакот, па мислам дека тоа беше доста евидентно вечерва. Мислам и дека Џејсон ќе се чувствува сè поудобно овде со секој поминат ден. Може да се види и неговата завршна способност. Постигна два многу добри голови вечерва. Возбудени сме што го имаме.“ – порача Мајк Саливен, тренерот на Питсбург.
За Питсбург, оваа беше десетта победа на последните четиринаесет натпревари која ги доближи на само три поени од третопласираниот тим во Источната конференција односно Вашингтон Капиталс. Од друга страна, Монтреал го запиша третиот последователен пораз и се наоѓа на дванаесеттото место.