Вчера беше последен ден за Болтон и Бери да успеат да се стабилизираат финансиски. Бери имаше предговори со неколку фирми, но сето тоа пропадна во вода, а овој историски клуб беше исфрлен од англиската фудбалска лига.
Сè уште не е познато дали Бери ќе продолжи да се натпреварува во аматерските лиги или ќе згасне целосно. Исто така не е позната ни иднината на играчите и другите членови на клубот.
Првиот натпревар на Бери бил пријателски и одигран пред 134 години, уште во далечната 1885, против Виган на кој ја оствариле и првата клупска победа од 4-3 додека последниот натпревар им беше на 4. мај 2019 кога на домашен терен одиграа 1-1 со Порт Вејл и изборија пласман во третата лига.
Во англиската фудбалска лига влегле во 1894 и одиграле вкупно 4852 натпревари. Само Нотс Каунти, Дерби Каунти, Престон, Вулверхемптон и Барнли имаат одиграно повеќе.
Исто така Бери е единствениот освојувач на ФА Куп што бил исфрлен од англиските фудбалски лиги.
Што се однесува до Болтон, рокот ќе им биде продолжен за уште 14 дена такашто сè уште постои надеж за овој своевремен англиски гигант да продолжи да биде дел од професионалниот англиски фудбал.