Шефилд Венздеј е фудбалски клуб кој потекнува од Шефилд, Англија. Неговите играчи го носат прекарот „Бувови” и моментално се натпреваруваат во втората англиска лига. Шефилд Венздеј е трет најстар фудбалски клуб во Англија – веднаш после Нотс Каунти и Стоук. Домашните натпревари ги игра на фамозниот стадион Хилсбороу познат по несреќата во 1989 што се случила во полуфиналето од ФА Купот помеѓу Ливерпул и Нотингем Форест.
Почетоци:
Според одредени антологии е познато дека во Шефилд, уште во 1816 е формиран тим во крикет под називот „Венздеј Крикет Клуб”. Неколку децении покасно, членовите на крикет клубот одлучиле да формираат и фудбалски клуб. Така, во 1867 настанал денешниот Шефилд Венздеј ФК кој првично бил именуван само како „Венздеј”. Една година подоцна, Венздеј почнал да се натпреварува во тогашниот Кромвел Куп. Во финалето, на Бремал Лејн, со „златен гол” го победил Герик Клуб и стигнал до својот прв трофеј. Интересен е фактот дека ова е прв регистриран случај во историјата на фудбалот кога одреден тим славел благодарение на т.н. „златен гол” – термин што во 19. век сè уште не бил во употреба.
Во 1867, во редовите на „сино-белите” пристигнал Џејмс Ленг. Шкотланѓанецот веднаш добил и работа во стручниот штаб на тимот при што е познат како прв професионален фудбалер. Ленг го предводел Венздеј до освојување на првото издание на Шефилд ФА Челенџ Куп во 1877, а воедно го покачил драстично реномето на тимот. Во 1880 Венздеј влегол во ФА Купот, но после краток период следувала криза и тешко изборено преживување пред сè заради недостиг на играчи.
Враќање во професионалниот фудбал:
Венздеј бил принуден да најде друг стадион бидејќи бил избркан од „Бремал Лејн”. Клубот веднаш се преселил на стадионот „Олив Гроув”. Во 1889 влегол во тогашната Фудбалска Алијанса како еден од основачите. Од моментално постоечките професионални тимови, само Кру Александра, Гримзби, Линколн, Нотингем, Стоук и Волсал биле основачи на алијансата. Во првата сезона од новото натпреварување, Венздеј бил шампион, а во истата сезона стигнал и до финалето на ФА Купот кадешто претрпел пораз од 6-1 од Блекбурн. Во 1892, Венздеј бил последнопласиран тим во алијансата, но со одредени реформи во форматот на натпреварувањето – не бил релегиран. Имено, се зголемил бројот на тимови и натпреварувањето било преименувано во Фудбал Лиг.
Првото освојување на ФА Купот од страна на „сино-белите” било во 1896 кога во финалето бил совладан Вулверхемптон со 2-1. Во 1899, Венздеј повторно бил принуден да се пресели од својот стадион. После напорна потрага, челниците на клубот купиле земјиште во околното село Оулертон (сегашно предградие на Шефилд) и таму бил изграден стадионот што и до ден денес е негов дом – „Хилсбороу”.
Во сезоните 1902/03 и 1903/04 Венздеј бил шампион на Фудбал Лиг, а во 1907 повторно го освоил ФА Купот совладувајќи го Евертон со 2-1. За време на Првата светска војна, лигата била во мирување, а Венздеј се натпреварувал во регионални помали лиги сè до 1919 кога ситуацијата се вратила на старо.
Клубот за прв пат доживеал релегација во 1920 и бил член на втората лига до 1926. Во 1929 го добил денешното име – Шефилд Венздеј ФК, а истата таа сезона повторно ја освоил првата лига и до 1936, само еднаш бил пласиран под третото место. Во сезоната 1934/35 и по трет пат го освоил ФА Куп, а до 1946, заради Втората светска војна, повторно се натпреварувал во помалите регионални лиги.
Неконзистентност:
Во педесетите години на минатиот век, Венздеј имал репутација на „јојо клуб” благодарение на константните релегации и промоции помеѓу првите две лиги. Во тој период три пати бил шампион на втората лига.
Во 1961, клубот имал успешна сезона во првата лига. Завршил на второто место веднаш зад Тотенхем, а воедно бил и единствениот тим што успеал да го победи Тотенхем таа сезона. Второто место од таа сезона е сè уште највисокиот пласман на Шефилд Венздеј од периодот после Втората светска војна. Во 1966 е поразен во финалето на ФА Купот од Евертон со 3-2.
Седумдесетите години од 20. век се можеби и најмрачните години во историјата на Венздеј. Клубот паднал во третата лига, а во 1976 бил на работ на релегација во четвртата. Сепак во 1984, тренерот Хауард Вилкинсон го вратил клубот во првата лига после 14 години.
Премиер Лига и 21. век:
Во 1990/91, Венздеј бил член на втората лига, но сепак стигнал до освојување на Лига Купот победувајќи го Манчестер Јунајтед. Тоа бил прв поголем трофеј за Шефилд Венздеј после повеќе од 50 години. Со тој триумф, Венздеј е последен клуб од Англија што освоил поголем трофеј, а не бил член на првата лига. Во 1992/93, клубот бил поразен од Арсенал во финалето на ФА Купот и на Лига Купот, а бил и еден од 22-та тима што учествувале во првата сезона на Премиер Лигата во 1992/93. Во првата деценија од новиот милениум, „Бувовите” стигнаа и до третата лига. Во Чемпионшип се вратија во 2012 под водството на Дејв Џонс.
Во 2014, клубот беше откупен од сегашниот директор – Тајланѓанецот Дејфон Чансири, кој имаше амбиции да го врати клубот во Премиер Лигата до 2017/18 по повод 150. годишнината од основањето. Венздеј два пати се најде во плејофот, но првиот пат во финалето загуби од Хал, а вториот пат во полуфиналето на пенали од Хадерсфилд. Во 2017/18 и 2018/19, клубот заврши во средишниот дел од табелата на втората лига.
Ривалство:
Главен „непријател” на Венздеј е градскиот ривал Шефилд Јунајтед. Натпреварите помеѓу овие две екипи се познати под името „Стил Сити Дерби” (Дерби на градот на челикот). Првиот нивен натпревар е одигран уште на 15 декември 1890, а победник бил Венздеј со 2-1.
Трофеи:
Освојувач на прва лига: 1889/90 (шампион на Фудбалска Алијанса), 1902/03, 1903/04, 1928/29 и 1929/30
Освојувач на втора лига: 1899/90, 1925/26, 1951/52, 1955/56 и 1958/59
Освојувач на ФА Куп: 1895/96, 1906/07 и 1934/35
Освојувач на Лига Куп: 1990/91
Освојувач на Комунити Шилд: 1935