Трката во Сингапур беше проследена со неколку моменти кога на патеката се појави безбедносното возило, а најдобро тоа го искористи Себастијан Фетел кој стигна до својата прва победа оваа сезона. Веднаш зад него беше неговиот тимски колега, Шарл Леклер, кој ги победи претходните две трки. Ова беше прва 1-2 победа за Ферари уште од Унгарија 2017 кога на првата позиција се најде Фетел, а втор беше Раиконен.
На третото место заврши Макс Ферстапен кој зад себе го остави двоецот на Мерцедес – Хамилтон и Ботас. Новајлијата во болидот на Ред Бул, Алекс Албон, заврши шести, а поени заработија и Норис, Гасли, Хулкенберг и Џовинаци.
Прв пат после три години се случи, на патеката да биде предводник на круг, возач кој не е член на Мерцедес, Ферари или Ред Бул. Тоа му појде од рака на Антонио Џовинаци заради доцното влегување во бокс.
Исто така, по прв пат, дополнителниот поен за најбрз круг не беше доделен бидејќи најбрз круг извоза Кевин Магнусен кој трката ја заврши на 17. позиција.