Во второто четврт-финале, силите ги одмерија Нов Зеланд и Ирска. Ирска беше единствената селекција што им нанесе пораз на искусните „Ол Блекс” во припремните натпревари, па заради тоа, во пресрет на ова СП влегоа како првопласирана селекција во светот. Сепак, заради поразот од Јапонија, повторно му го отстапија првото место на Нов Зеланд. „Црните” во овој дуел влегоа како првопласирана екипа од групата Б и важеа како голем фаворит во однос на „зелените”.
Фаворитската улога беше оправдана уште во првото полувреме кога на пауза заминаа со предност од 22-0 по есеите на Смит (2) и Боден Берет како и пеналот и двете конверзии на Мо’унга. Во второто полувреме продолжи доминацијата на Нов Зеланд со постигнатите четири есеи на Тејлор, Тод, Бриџ и Џорди Берет. Ирска успеа само да постигне еден целосен есеј преку Хеншоу и Кербери како и еден казнет есеј за намалување на разликата. Конечниот резултат изнесуваше 46-14. Во полуфиналето, Нов Зеланд ќе игра против Англија.