Во последното четврт-финале играа екипите на Јапонија и Јужна Африка. Јапонија во дуелот влезе како најпозитивно изненадување откако во групата забележа четири победи и тоа над Ирска, Шкотска, Самоа и Русија. На претходното СП, овие две екипи одиграа натпревар во групната фаза и тогаш се случи едно од најголемите изненадувања во историјата на спортот – Јапонците ги совладаа Африканците со 34-32.
„Спрингбокс” одлично влегоа во овој дуел со постигнатиот есеј на Мапимби во четвртата минута. До крајот на полувремето, видовме само уште три поени кои ги постигна Тамура од пенал. Доста дискутабилни судиски одлуки имаше во корист на Јапонија, а освен малиот број на поени, првиот дел беше одбележан со висок посед на домаќинот и одлична одбрана на Јужна Африка. Во второто полувреме, Јапонците беа доста инфериорни. Јужна Африка постигна вкупно 21 поен во вториот дел – 11 преку шутирањата на Полард (три пенали и една конверзија) и двата есеи на Де Клерк и Мапимби. Конечниот резултат изнесуваше 3-26. Во полуфиналето Јужна Африка ќе игра против Велс.