После елиминацијата на Нов Зеланд во полуфиналето од Англија, јасно беше дека светот ќе добие нов шампион. Во финалето, силите ги одмерија Англија и Јужна Африка. Во доста цврст натпревар, Јужна Африка славеше со 32-12. Натпреварот изобилуваше со казни, а преку нив паднаа најголем број од поените. За Англија, Фарел погоди четири, а за популарните „Спрингбокс”, Полард успешно шутира шест пенали. На полувремето резултатот изнесуваше 12-6 во корист на Африканците. Неизвесноста траеше 65 минути до кога резултатот гласеше 18-12. Во продолжение, Јужна Африка потполно ги декласира Англичаните постигнувајќи два есеи: најпрво преку Мапимпи, а потоа преку Колби, за освојување на својата трета шампионска круна.