Ако не се напијам кафе кога ќе станам, денот ми е катастрофа!
Ако не одам по тој пат, гарант нешто лошо ќе ми се случи!
После кафето, задолжително една цигара, бидејќи јадењето не ми е убаво!
Секој ден ни е исполнет со некоја рутина која на овој или оној начин или ни го прави денот поубав или полош. Дали ќе ни биде убав или не, зависи од нас и од никој друг. Да, има надворешни фактори кои секогаш влијаат на тоа каков ќе ви биде денот, но од вас/нас зависи дали ќе дозволиме тие фактори да влијаат врз нас или не.
Рутината влијае, само ако вие дозволите да влијае. Дека треба да ја промените, треба, не за друго, за да си сфатите дека рутината не е таа која влијае. Е сега, бидејќи менувањето на рутината е искачање од конфорната зона, тогаш следи прашањето, како да ја смениме рутината, посебно на работа?
– Листа на рутини – прво и основно, направете листа на работи кои рутински ги правите. Нека ви почне изненадувањето од тука. Кога ќе ви помине изненадувањето, направете листа на рутини кои сакате да ги промените (гледајте да бидат сите) и започнете.
– Работни активности – реорганизација на работите кои ги правите во текот на работниот ден. Променете ги приоритетите, распоредот, времето што им го одвојувате.
– Пауза – секој ден нека ви биде во различен период, нормално, доколку тоа ви дозволуваат работата и условите. Дополнително на ова, секоја пауза користете ја со различни луѓе, а не само со најдобриот колега. Ширете познанства, запознавајте луѓе…
– Кафе/чај – речиси секој од нас ги консумира некои од овие напитоци и секој од нас знае најдобро да си го подготви својот напиток. Епа, ајде од сега, дозволете некој друг да ви го подготви вашиот омилен напиток
– Работно место – ако имате можност, направете промена. Ако работите од дома, земете лаптопот и одете во кафуле или библиотека и работете од таму. На работа, менувајте се со работните места со колегите. Ако ви е фиксно местото, тогаш направете промена на околината.
– Состаноци – ако имате можност, имајте состаноци во природа, придружени со прошетка. Како и да е секој состанок нека ви биде различен од претходниот по времетраење, место на седење, одговорен за состаноците итн.
– Пред и после работа – променете ја патеката на движење од дома до работа и обратно. Погледнете лево/десно, сигурно се отвориле многу нови дуќани во меѓувреме откако сте биле последен пат.
Има безброј секојдневни рутини кои ги правиме рутински, а не сме ни свесни за тоа. Само да знаете дека една промена, може да доведе до многу други промени, но еве, да не ви кажувам, направете барем една, па сами кажете ми!
Со успех во промените,
@kalinbabusku
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг