Иако се играше со доста осцилации,на крајот кошаркарите на Работнички стигнаа до убедлив триумф во дерби дуелот на деветтото коло од Првата лига.
РАБОТНИЧКИ – КОЖУВ 97:81
(22-17; 27-26; 23-20; 25-18)
Како во бранови да играа актерите на дерби натпреварот од овој круг на натпреварите. но домашната екипа беше таа која го имаше водството, а гостите од Гевгелија упорно го бркаа. Но не успеаја да го стигнат , освен оној егал (22:22) кој го фатија во првите минути од втората четвртина.
Сето друго беше на страната на Работнички, чија прва петорка делуваше доста сигурно.
Можеби и за прв пат откако е овој состав „црвено-белите“ имаа доста добар колективен пристап. И ако на почетокот во главната улога беа високите играчи, пред се Младеновски и Мијатовиќ, како одминуваше играта така се отвораа и другите стартери на Димитар Мираковски.
Па на стандардно добриот, во оваа прва фаза од сезоната, Лесколт, сега му се приклучија и Двејн Бенџамин и Виктор Ефремоски. И премногу за кратката ротација која во овој момент ја има Кожув, а во која посебно во првото полувреме, се одвои Пејн, стрелец на 20.поени во тој дел од играта во кој Работнички имаше „само“ плус 6, односно (49:43).
По релативно израмнетиот трет период, гевгелишани „паднаа“ и буквално во последниот, па мора да се помират со прекин на убавата серија на резултати. Двајца играчи во црвено бела комбинација, онаа скопската, дадоа по 17.поени (Ефремоски и Лесколт), а тројца по еден поен помалку, Двејн, Младеновски и Мијатовиќ. Сето тоа со десет реализации го комплетираше гевгеличанецот Главчев.
На онаа гевгелиска страна пак, Пејн застана на бројката од 27, а Караџовски на 20. поени.
ПЕЛИСТЕР – ГОСТИВАР 89:79
(26-14; 30-15; 21-15; 12-35)
Некој кој не го гледал, секако „во живо“, натпреварот во Битола, каде се сретнаа Пелистер и Гостивар, а го забележа само крајниот резултат, веројатно ќе помислеше дека тоа била тешко извојувана победа на „зелено-белите“.
Но ако се види како се движел резултатот, ќе сфати дека „пелистерци“ и премногу лесно се справија со гостите од Гостивар.
Дека му помогнаа на својот нов предводник од клупата, Љупчо Малинков да има и тоа како успешно деби.
Неверојатно прво полувреме имаше Пелистер, креирано со 56. реализации, многу, многу повеќе во однос на противникот кој се закочи на само 29.
Уште поневеројатни беа бројките на семафорот во 32.минута, (81:50) а многу поблиски до реалноста (87:79), во последната минута од овој неверојатен меч за Пелистер, уште почуден за Гостивар.
Поентерски, со 20. реализации го одбележа Андреј Цветковски, но во „идеалните пет“ на Малинков во овие 40.минути се најде место и за уште четири „двоцифрени“, Казарновски (17), Мекиќ (13), како и Думиќ и Враниќ кои постигнаа по 11.поени.
Во конфузното гостиварско издание, Димчевски дојде до 23.поени, Тасовски имаше 17, а Доналдсон беше доста скромен – 12.
КУМАНОВО – ЕУРО НИКЕЛ 2005 86:85
(21-20; 21-14; 23-26; 14-19; 7-6)
Требаше и бидна неизвесен мечот во Куманово…Подобро кажано, се претвори во една вистинска драма.
Траеше пет минути подолго од она што се вика регуларно. А на крајот подигнати беа рацете на Кумановци. Беа подобри за само еден поен од кавадарчани.
Доволно да се наградат себеси и за она издание од пред еден викенд, кога беа убедливи против Гостивар.
Еуро Никел 2005 ја имаше шансата за „брејк“ во Куманово. Но Марзет погоди само едно од двете слободни фрлања на 40.секунди пред крајот, и постави нерешени (79:79).
Откако Младеновиќ не погоди за три, одново згреши Марзет, но за негова среќа тоа не го казни Младеновиќ.
Во оној екстра период, актерите исти, Младеновиќ повторно поуспешен. Во моментите на одлука погоди за (85:83), а по нереализираниот обид за три поени на Бакоч, даде и еден „ пенал“ за плус 3 (86:83).
Кумановци беа доста паметни, направија „лична“ над Марзет кога останаа само две секунди за играње. Недоволно Еуро Никел 2005 да стигне до ново продолжение.
Интересно целата прва постава на Куманово имаше двоен број на поени, најмногу 23, Младеновиќ, кој дополни со десет успешни додавања.
Дабл-дабл ефект имаше Јанески, 13.поени и 11. скока, но и Т. Атанасов, изразен со 19.поени и 10. скока.
Несреќниот Марзет изброја до 19, и беше еден од шестмината гостински кошаркари кои исто така ја надминаа бројката од барем десет поени.
Во Кисела Вода, македонско-американска комбинација, доволна за триумф на Академија ФМП против вториот тим на МЗТ Скопје (84:79), шампионот го „скрши“ Вардар во второто полувреме (97:80).
АКАДЕМИЈА ФМП – МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА 84:79
(23-18; 19-27; 23-21; 19-13)
Првото полувреме помина во знакот на последните два натпревари кои ги одиграа новите прволигаши во второлигашката конкуренција.
Со подобра игра, и исто таква реализација на МЗТ Скопје Унибанка. Освен во оние уводни минути кога Академија ФМП направи серија од (8-0) за водство од (16:10), младите кошаркари од Аеродром немаа никаква намера да се повлечат.
Напротив…
Откако Исајловски врза две тројки, следуваше комплетниот пресврт. Навистина домаќинот водеше на истекот на првата четвртина (23:18) но сосема поразлично беше во втората.
Мамузиќ имаше свои поентерски минути, погоди и четири тројки. со помош на упорните Кацарски и Тодоровски, МЗТ Скопје Унибанка дојде и до највисоките (41:32)., Доволно да бизе запален алармот во домашниот табор.
Донекаде, успешен се покажа тајм аутот на Игор Гацов, па во оние преостанати три и пол минути до одморот, Нацевски и пред се Харис (заедно 28.поени во тој дел од играта) ја вратија разликата на поднослива (42:45).
Мамузиќ продолжи да ја тормози одбраната на домашните и во третата четвртина делуваше незапирливо, иако потегот на вечерта го имаше Максим Митевски, кој спектакуларно заби за гостински плус 10 (59:49).
Но како и во претходната четвртина, она што тешко го постигнаа, МЗТ Скопје Уни Банка лесно го потроши. Во вториот дел од четвртината, Академија ФМП ја избриша негативата, останаа само еден поен зад противникот (65:66).
Најава за возбудлив финиш.
Серијата (9-2) го донесе домаќинот во добитна комбинација, односно позитива од шест поени (74:68). Но крајот беше далеку, имаше да се играат цели седум минути.
А кога веќе поведоа, домаќините не дозволија нова промена на водството. Имаа и двоцифрен плус, но на крјаот се некако си дојде на своето место.
Фаворитот победи, во најголема мерка поради одличното издание на американскиот двоец Харис-Лонг (45.поени), потпомогнат од македонскиот Нацевски-Делипетров (34.поени).
МЗТ Скопје Уни банка испушти уште една добра прилика да дојде до првиот успех во Првата лига. Не ја наградија добрата игра на Мамузиќ (24.поени), како и поентерското отскокнување на Исајловски (16), Тодоровски и М.Митевски (по десет поени).
МЗТ СКОПЈЕ – ВАРДАР 97:80
(31-22; 20-24; 23-13; 23-21)
Откако по нешто повеќе од четири минути на семафорот во СЦ „Јане Сандански“ стоеше МЗТ Скопје Аеродром 15, Вардар-2, многумина од малкуте присутни гледачи помислија дека „тоа е тоа“.
Дека бранителот на титулата ќе има доста лесна задача против екипата која досега има само еден триумф.
И се прелажаа…
Како одминуваа минутите, така „вардарци“ се враќаа назад во мечот. Прво намалија на (11:17), потоа на (16:19), па (19:22), за тој прв дел од играта МЗТ Скопје Аеродром го реши во своја корист (31:22).
Иако нивниот тренер, Ѓорѓи Кочов се обиде правилно да ја подели минутажата и да им даде „активен одмор“ на оние кои се „потрошија“ најмногу во изминатиот период (Стојановски, Маслинко и Хиндс), тоа не се покажа како продуктивно „за сино –белите“. Упорните гостински кошаркари ја топеа негативата, и на полувреме дојдоа до заслужени, подносливи (46:51).
Кога прваците малку притиснаа, пред се во одбраната, полека работите си доаѓаа на своето место. Во второто полувреме му дозволија на противникот да реализира 34.поени, дадоа 46, со што успешно одработија уште една задача на патот кон одбрана на пехарот. Морнар даде 22.поени, но Дамјан Стојановски беше најпродуктивниот играч на МЗТ Скопје Аеродром. За нецели 20.минути капитенот уфрли 18. поено, еден повеќе од Харис. Радуловиќ финишираше со 14, а Крстевски со 11 поени.
Па така во втор план опстана блесокот на Ајуда Невеш кој заврши со 34. реализации, девет скока и две асистенции.
Извор: https://kfsm.mk/