Бристол Сити 1-2 Милвол
Милвол ја продолжи својата солидна серија на шест натпревари без пораз, а стрелци на головите беа Валас и Купер. Единствениот гол за домаќините го постигна О’Доуда на шест минути пред крајот.
Чарлтон 0-1 Хадерсфилд
Чарлтон воопшто не наликува на тимот што се бореше за место во плејофот на почетокот на сезоната. Моментално тимот од Лондон има серија од четири порази односно освоени само три поени во последните девет кола. Хадерсфилд одлично ја искористи оваа ситуација и победи со првиот гол на 18-годишниот Мети Дали во првата минута од судиското продолжение.
Лидс 2-0 Хал
Екипата на Марсело Биелса ја запиша и седмата последователна победа. Нашиот Езѓан Алиоски на вториот натпревар во низа постигна погодок, а првиот гол беше автогол на Де Вајс.
Нотингем 1-1 Мидлсброу
Откако на Вудгејт му се изгуби сигурноста на своето кормило, тој прави сè што може за да ја врати. Во претходното коло славеше со 1-0 над Чарлтон, а на последниот натпревар ремизира на гости кај фаворизираниот Нотингем. Форест би можел да го смета овој натпревар како кикс имајќи во предвид дека значително им се потребни поените во борбата за плејоф позиција. Домаќините поведоа во 63. минута преку Јејтс, а гостите израмнија преку успешно изведениот пенал на МекНер.
Престон 2-1 Фулам
Престон конечно ја прекина својата лоша серија и тоа против најдобриот можен противник кој им е еден од директните конкуренти во борбата за плејоф. Шон Мегваер го отвори резултатот во 23. минута со голот за 1-0, а до крајот на полувремето не видовме голови, но видовме два црвени картони. Најпрво, во 28. минута, Фулам остана со играч помалку откако „поцрвене” Одои, а истата судбина го снајде и Престон во 45. минута со црвениот картон на Лаферти. Во 52. минута, на 2-0 зголеми Дејвид Нуџент, а во 81. минута, најдобриот стрелец во лигата – Александар Митровиќ, намали на 2-1 и го постави конечниот резултат.
Стоук 3-0 Лутон
Стоук ја запиша можеби и најважната победа во оваа сезона совладувајќи ривал што има амбиции да опстане во лигата. Лутон игра доста променливо во последно време, а Стоук по трите последователни порази успеа да се консолидира. Стрелци на головите беа МекКлин и Ален (2).
Барнсли 1-1 Рединг
Поделбата на бодовите на „Оуквел” можеби беше и најправедното решение имајќи во предвид дека и двете екипи пружија идентична партија. Барнсли поведе преку осмиот гол на Вудроу оваа сезона во 58. минута, а во 76. Рединг израмни преку Лукас Жоао – поранешниот напаѓач на Шефилд Венздеј.
Бирмингем 0-2 КПР
КПР поведе во најнезгодниот момент по нивните противници – во судиското продолжение на првото полувреме преку Грант Хол. Вториот гол го постигна Осаји-Самуел во 67. минута. Бирмингем, иако започна без Јуткиевич, Монтеро и Гарднер, ја имаше иницијативата, но не успеа да го искористи тоа. Со оваа победа, КПР се наоѓа на 12. место со само три бода заостаток во однос на шестопласираниот Престон.
Брентфорд 2-1 Кардиф
Брентфорд, на „Грифин Парк”, има серија од три победи со гол-разлика 10-1. Победата на овој натпревар му ја донесе најквалитетнотот трио во Чемпионшип – Бенрама со асистенција, Воткинс со гол и Мбеумбо со гол и асистенција. Тимот од Лондон е на само поен заостаток од плејоф зоната. Голот за Кардиф го постигна Пек по асистенцијата на Ли Томлин, а овој е прв пораз за Велшаните од денешниот противник уште од 19. април 2016.
Дерби 1-1 Шефилд Венздеј
Шефилд Венздеј, во пресрет на овој натпревар, се наоѓаше во плејоф зоната за разлика од Дерби кој има очајна сезона во однос на своите амбиции. Гостите од Шефилд поведоа преку Флечер во 23. минута и го чуваа водството сè до 82. кога преку пенал погоди Крис Мартин. Во 90. минута, Венздеј остана со играч помалку откако Мозес Одубаџо доби втор жолт картон.
Свонси 1-1 Блекбурн
И двата гола на натпреварот беа постигнати во првите десет минути. Најпрво поведе Блекбурн преку Греам, а неколку минути подоцна Ају израмни за Свонси. Во второто полувреме и двете екипи останаа со играч помалку откако во 57. и 67. минута, втор жолт картон добија Керол и Дак. Бредли Дак е најважниот играч на Блекбурн оваа сезона и овој црвен картон ќе се смета како голем хендикеп за поранешните шампиони на Премиер Лигата во пресрет на дуелот со Бристол Сити. Формата на Свонси е на ниско ниво, но за разлика од нив, Тони Моубреј, тренерот на Блекбурн, во последните пет натпревари забележа четири победи и е номиниран за најдобар тренер за ноември.
Виган 1-1 ВБА
Дуелот на двете екипи со максимално контрастни амбиции заврши неочекувано со нерешен резултат. Со ова реми, ВБА ја изгуби првата позиција на табелата, а Виган стигна до својот 17. поен и се наоѓа на три поени од позицијата што му гарантира опстанок во лигата. Сепак, на теренот не изгледаше сè како што тоа изгледа на табелата. Виган доминираше во поголемиот дел од натпреварот и поведе со 1-0 во 50. минута преку автоголот на голманот Сем Џонстон. Само девет минути подоцна, гостите израмнија преку ветеранот Чарли Остин и успеаја да освојат поен.