Во финалето на НФК, силите ги одмерија Сан Франциско 49ерс и Грин Беј Пекерс. Во регуларниот дел од сезоната, 49ерс славеа убедливо со 37-8. За разлика од финалето на АФК, кадешто се соочија екипи со вкупно шест конференциски финалиња, овој дуел беше со далеку повисоко реноме. Имено, за Пекерс, ова е осмо конференциско финале проследено со пет настапи во Супер Боул, додека Сан Франциско го забележа своето петнаесетто конференциско финале со шест Супер Боул настапи. За домаќините, ова беше прво финале на АФК уште од 2013/14, а Пекерс, последен пат, се најдоа во истата позиција во сезоната 2016/17.
Во првото полувреме од овој натпревар доминираше само тимот на домаќините од Калифорнија. Нивната игра со трчање беше незапирлива за Пекерс кои имаа очајни триесет минути игра. Резултатот после првите две четвртини изнесуваше 27-0, а Рахим Мостерт постигна три тачдауни со пробивање. Во второто полувреме, Грин Беј успеа да се консолидира и да го добие полувремето со резултат од 20-10. Арон Роџерс имаше неколку неверојатни акции и додавања кон Даванте Адамс и Џими Греам. Сепак, два тачдауни со пробивање постигна Арон Џонс, а Џејс Штернбергер постигна еден тачдаун после едно додавање на Роџерс. За 49ерс, во второто полувреме, Мостерт поентираше уште еднаш за конечни 37-20. Статистички, двете екипи беа доста израмнети, а пресуден фактор за победата на Сан Франциско беше нивната игра по земја како и трите изгубени топки на Пекерс. Единствен позитивен факт за Роџерс од овој пораз е дека стана клупски рекордер на Пекерс по број на постигнати тачдауни со додавање (40) во плејофот, оставајќи го зад себе Брет Фавр (39). На третото место се наоѓа Барт Стар (15). Во Супер Боул 54, Сан Францисцо, во Мајами, ќе се соочи со Канзас Сити Чифс.
Статистики:
– Џими Гарополо (49ерс): додавања 6/8; 77 освоени јарди со додавање
– Арон Роџерс (Пекерс): додавања 31/39; 326 освоени јарди со додавање; 2 тачдауни; 2 пресечени додавања
– Рахим Мостерт (49ерс): 29 трчања за 220 јарди; 4 тачдауни
– Арон Џонс (Пекерс): 12 трчања за 56 јарди; 2 тачдауни
– Дибо Самуел (49ерс): 2 фаќања за 46 јарди
– Даванте Адамс (Пекерс): 9 фаќања за 138 јарди