Екипата на Астон Вила ја зафати голем малер откако Весли, вториот најдобар стрелец на тимот, заработи повреда на коленото. Бразилецот ќе биде надвор од теренот цела сезона, а неговата единствена соодветна замена, Џонатан Коџија, направи трансфер во Ал-Гарафа. Токму ова беше поводот за тимот од Бирмингем да доведе напаѓач во зимскиот преоден рок, а трансферот беше навистина изненадувачки. Астон Вила, за цена од десет милиони фунти, во своите редови го доведе Мбвана Самата. Дваесет и седум годишниот напаѓач ќе биде првиот Танзаниец што ќе заигра во англиската Премиер Лига. Претходно настапуваше во Белгија, во дресот на Генк, а минатата сезона, на 38 натпревари, постигна 23 гола. Оваа сезона, билансот му е за нијанса послаб откако на 20 мечеви постигна 7 погодоци.
„Навистина сум возбуден. Ова е голем чекор за мене и мојата кариера. Исто така, ова е голем чекор и за сите луѓе во Танзанија… Уште како дете гледав Премиер Лига и еден од тимовите што имав можност да ги гледам беше Астон Вила. Најмногу од сите го пратев Габи Агбонлахор додека беше таму.” – се огласи Самата на првата прес-конференција за ВилаТВ.