Синоќа беа одиграни осум натпревари од 29. коло од Чемпионшип. Еден од дуелите со најмногу голови се одвиваше во Лутон на „Кенилворт Роуд” помеѓу истоимениот домашен тим и гостите од Дерби. Лутон, неочекувано победи со 3-2 забележувајќи ја првата победа после 7. декември кога славеше над Виган со 2-1. Исто така, Лутон ја прекина својата ужасна серија од пет порази во низа, а воедно му го нанесе и првиот пораз на Дерби во 2020.
На полувремето, резултатот гласеше 0-0. Во 63. минута, првенецот во дресот на „Овните” го постигна Вејн Руни. Веќе во 67. минута, домаќините израмнија преку Пели Радок, а само седум минути подоцна стигнаа и до целосен пресврт откако Донерворн Даниелс зголеми на 2-1. Џокерот од клупата на Дерби, Крис Мартин, постигна гол со глава на пет минути до крајот и израмни на 2-2. Решавачкиот гол падна само една минута подоцна откако Џејден Богл сам ја смести топката во својата мрежа. Во 88. минута, Дерби остана и со играч помалку откако Макс Лоув доби директен црвен картон.
Со оваа победа, Лутон останува на дното на табелата со само шест бодови заостаток во однос на сигурните екипи, додека Дерби се наоѓа на 16. место.