Со почнувањето на новиот зимски преоден рок, англиските екипи значително ги засилија своите состави правејќи неверојатни трансфери. Дел од нив, кои се случија во изминатите два дена, можете да ги погледнете во прилог:
Наки Велс (Барнли -> Бристол Сити)
Наки Велс потекнува од Бермудските Острови, а оваа сезона ја започна како позајмен играч во КПР. Во тимот од „Лофтус Роуд” прикажа неверојатна игра постигнувајќи 13 голови на 26 натпревари. На почетокот на зимскиот преоден рок, Велс беше отповикан од позајмицата назад во Барнли, а само неколку дена подоцна, Бристол Сити покажа интерес за него. Вчера, Велс официјално се пресели во Бристол за четири милиони фунти потпишувајќи тригодишен договор.
Џош Браунхил (Бристол Сити -> Барнли)
Браунхил беше најстандардниот играч на Бристол Сити во оваа сезона и беше неприкосновен на средината на теренот. Барнли веќе неколку дена покажуваше интерес за услугите на Англичанецот, а вчера успеа и да го доведе во своите редови. Сумата засега останува непозната, но без сомнение, Браунхил одлично ќе се вклопи во средниот ред на Барнли потпомогнат од Гудмундсон, Хендрик и Вествуд.
Џери Јејтс и Еоин Дојл (Ротерам/Бредфорд -> Свиндон)
Џери Јејтс и Еоин Дојл ја започнаа оваа сезона во редовите на Свиндон како позајмени играчи. Со неверојатните перформанси успеаја да му помогнат на тимот да се искачи на врвот на Лиг 2. На 25 натпревари, Јејтс постигна 12 голови, додека Дојл е водечки стрелец на лигата со 23 голови на 22 натпревари. Истите играчи беа отповикани назад во своите тимови – Јејтс се врати во Ротерам, а Дојл во Бредфорд. Јејтс, очекувано не доби доволно шанса во својот матичен клуб, а Дојл на четирите одиграни натпревари за Бредфорд не запиша ниту еден погодок. Овие информации отидоа во полза на Свиндон кој успеа да го врати Јејтс назад на позајмица, а исто така, засега за непозната сума, ги откупи услугите на Дојл.
Камил Гросицки (Хал Сити -> ВБА)
Играчот на Хал беше втор најпродуктивен играч за врска од почетокот на 2019 во првите четири англиски лиги кадешто беше инволвиран во дури 27 голови. ВБА успеа да направи одличен трансфер откако го доведе за неверојатни 800 илјади фунти.
Крилото на Шефилд Јунајтед, Калум Робинсон, исто така беше доведено во редовите на ВБА на позајмица.
Мејсон Бенет (Дерби -> Милвол)
Напаѓачот кој потекнува од школата на Дерби, оваа сезона забележа само седум настапи. Бенет беше еден од протагонистите во инцидентот што се случи на почетокот од сезоната кога настрада капитенот на „Овните”, Ричард Киох, кој мораше да ја заврши сезоната поради повреда. Очигледно Англичанецот не беше дел од плановите на Филип Коку, тренерот на Дерби, па беше испратен на позајмица во Милвол кадешто ќе биде под менторство на својот поранешен тренер – Гери Роует.
Шендон Баптист и Тарик Фосу Хенри (Оксфорд Јунајтед -> Брентфорд)
Брентфорд направи добар пазар од универзитетскиот град. Имено, екипата од Лондон за три милиони ги доведе горенаведените двајца играчи. Баптист потекнува од Гренада и оваа сезона е доста константен во средниот ред на Оксфорд, додека Тарик Фосу се враќа во Лондон откако во летниот преоден рок бесплатно се пресели во Оксфорд од редовите на Чарлтон.